Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното интервју на телевизија Алфа, рече дека на премиерот Зоран Заев му понудил помош во евроинтеграциите, но дека досега не добил одговор.
– Му рековме „не ни треба да влеземе во Влада да делиме Влада со тебе, но да ви помогнеме до октомври заеднички да успееме да ја донесеме Македонија пред добивање датум“. Неколку недели поминаа и немаме повратен одговор, оваа понуда не е со неограничен период, таа престанува да важи – рече Мицкоски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да лобира кај сестринските партии за добивање на датум за преговори со Унијата.
Мицкоски се осврна на прес-конференцијата на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и ја оцени како „несреќна“.
– Човекот признава дека е дел од скандалозно криминално дејание, кажа дека го прави по задача на негов претпоставен, и тој претпоставен е премиерот на Владата Зоран Заев. Јас нема да ги коментирам испадите. Тоа е примитивното однесување на овие луѓе кои се декларираат како проевропски, тие се обични примитивци а само се декларираат како проевропски ориентирани граѓани. Рашковски е генерален секретар на Владата, не е претседател на боксерски клуб – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.