Поддршката за Зоран Заев е преполовена, изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во емисијата „Јади Бурек“ споредувајќи ги бројките на освоени гласови на Заев и СДСМ во 2016-та година и на претседателските избори годинава.
– Огромното мнозинство кое што излезе во таканаречената „Шарена револуција“, огромното мнозинство на луѓе кои што му дадоа поддршка на Зоран Заев е речиси преполовено. Јас ќе ве потсетам на бројките 435 илјади имаше на тие предвремени парламентарни избори, на локалните избори во октомври, ноември следната година тој имаше некаде околу 410 илјади, неговата коалиција која што беше проширена и надградена со некои политички партии кои што му се придружија. За веќе во 2019-та година април месец на претседателските избори, сите заедно, заедно со ДУИ не успеаја да освојат 320 илјади гласови – вели Мицкоски.
Тој потенцираше дека најголемата коалиција во политиката е коалицијата со народот, а токму ВМРО-ДПМНЕ е дел од оваа коалиција.
– Она што е важно, ако вие ја направите најголемата коалиција, а тоа е коалицијата со народот, не постојат сфери на влијание, извори на влијание кои што можат да ја победат таа коалиција. Тоа е најсилната коалиција која што постои. Токму тоа е целта на ВМРО-ДПМНЕ и токму таа е онаа предвидлива политика на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е како да направиме да биде што поуспешна коалицијата со народот. Јас мислам дека тоа успеваме да го направиме – додаде тој.