Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Радио Слободна Европа не одговара што е тоа „сè“ што ќе сторат за да ги изменат процесите кои произлегуваат од Договорот од Преспа. Прво, како што вели, требало ВМРО-ДПМНЕ да победи на избори, да формира влада, па на менување на процесите ќе оделе чекор по чекор.
За тоа дали ќе потегнат иницијатива за повторна измена на Уставот, тој вели дека ниту еден процес во историјата не е еднонасочен, сите процеси во историјата искуството вели дека биле реверзибилни.
– Прашање на време е кога повратната врска ќе се реализира. Така што важно е претходно да се случат некои други процеси, па дури потоа ВМРО-ДПМНЕ ќе може пред граѓаните на Република Македонија да го спроведе ова што ние денеска го разговараме и она врз основа на што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја гради идната своја политичка доктрина. Ние сме партија којашто е непосредна, партија од народот, од граѓаните, партија која што е честита, искрена и принципиелна. Ние не можеме да ветуваме нешто што не можеме да оствариме. Ние не можеме истовремено да бидеме патриоти во топлинки дома пред компјутери и да пишуваме статуси на социјалните мрежи, ниту пак ќе зборуваме она што граѓаните сакаат да го слушнат. ВМРО-ДПМНЕ може да вети, јас можам да ветам дека откако ќе ја добијам довербата на граѓаните, ќе сторам сè што е во моја моќ процесите да ги изменам. За мене постоела, е и ќе остане Република Македонија, а сето ова останато го сметаме за историска грешка и тука немам што да додадам и што да изгубам – истакнува во интервјуто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.