Мицкоски побара амнестија за сите учесници во крвавиот четврток

2053

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара да биде донесен закон за амнестија за сите учесници од настаните во Собранието на 27 април.

Тој ова барање до власта го испорача на прославата на 23 Октомври, а со образложение дека на тој начин ќе нема селективна правда.

-Донесете закон за амнестија кој го предлагаме за сите учесници од 27 април, за да нема селективна правда и да има слобода за сите, а не само за оние кои вас ви слугуваат. Дел од структурите кои се опфатени со прогонот на власта, решија да одиграат валкана работа за оваа власт. Мене ме обвинуваа дека се борам и барам амнестија, а сега кога тие тоа го предлагаат било простување – порача Мицкоски.

Toj оцени дека поддршката за пристапување кон промена на Уставот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ му овозможила на премиерот Зоран Заев да си ја продолжи политичката кариера. Требало само малку, како што рече, за да се одржат нови избори и ВМРО-ДПМНЕ да победи.

-Немојте да ја замајувате јавноста со некакви комисии и форуми, кои наводно треба да донесат правда за дополнително да се заташка работата. Власта сака низ тој процес да донесе некаква неселективна правда, која во основа е неправда. Затоа е потребна слобода и правда за сите. Ајде донесете закон за амнестија кој го предлагаме за сите учесници од 27 април за да има и неселективна правда и слобода за сите, истакна Мицкоски на свеченоста во Македонскиот народен театар на која не присуствуваше неговиот претходник, Никола Груевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...