Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека во текот на денот партијата ќе го поднесе барањето за интерпелација на Владата во Собранието, а очекува расправата, односно гласањето за доверба да се случи во среда и таа да биде изгласана.
– Се надевам дека среда ќе биде денот кога ние ќе можеме да ги аргументираме нашите позиции. Така е и според деловникот во Собранието. Очекувам на крај на денот да се изгласа недоверба на Владата и да можеме понатаму да видиме како ќе ја развиваме Република Македонија, да организираме предвремени парламентарни избори и се што оди со тоа – рече Мицкоски на новинарско прашање по присуството на утринската литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ по повод Велигден.
Во однос на најавената лидерска средба за спорот за името, Мицкоски рече дека до сега нема закажано конкретен датум и место, но очекува таа да се одржи следниот викенд по празниците, односно, по интерпелацијата и по новата рунда разговори на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас закажани за 12 април во Охрид.
– После оваа втора рунда којашто нашиот министер за надворешни работи ќе ја има со министерот за надворешни работи на нашиот јужен сосед ќе има некаков напредок. Гледаме некаков т.н. нов оптимизам, којшто премиерот и министерот ги артикулираат за јавноста. Да видиме на што се темели тоа, дали е тоа уште еден неаргументиран оптимизам и блеф или повторно има некаков напредок. Се надевам дека на таа лидерска средба ќе дознаеме повеќе околу деталите – рече Мицкоски.