Мицкоски – од хигиеничар до професор

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори на забелешките на опозицијата во врска со неговото образование и кариерата на Машинскиот факултет

5959

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека професионалната кариера, по дипломирањето на Машинскиот факултет во Скопје, ја почнал како хигиеничар, по што стигнал до универзитетски професор, а во меѓувреме бил на студентски престој во повеќе европски земји.

На денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско пршање во врска со прозивките од СДСМ околу неговото образование, Мицкоски рече дека дипломира л на Машински факултет  со просек 9,61, по што почнал да работи.

-Работев прво како хигиеничар во една приватна компанија, потоа како монтажер на сплит-системи, за потоа да станам инженер за термотехнички инсталации и да добијам понуда да бидам и директор  во таа компанија. Потоа,  на покана на една моја драга професорка која е сега во пензија, се вработувам на Машинскиот факултет, при тајно гласање – прв случај во историјата  на Машинскиот факултет. Се вработувам на истиот како помлад асистент и напредувам – изјави Мицкоски.

Тој рече дека во неговиот професионален ангажман на Машинскиот факултет имам студиски престој на универзитетите  во Италија,  во Унгарија, во Словенија, докторски престој на неколку универзитети во  Германија. Лидерот на опозицијата вели дека бил стипендист на италијанската и на германската влада, како што тврдеше и на средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов, на маргините на самитот на ЕПП во Загреб.

-Никаде, буквално никаде во мојот разговор со господинот Борисов, јас не ја споменувам онаа извртена вистина што за жал СДСМ ја употребува во јавноста. Ова е основата за моето професионално работење на Машинскиот факултет. Позади мојата биографија стојат неколку трудови со фактор на влијание, меѓу кои е и трудот објавен оваа година во реномираниот часопис „Тејлор и Фенсис“ од кој што учат студентите на реномираните универзитети во Англија. Тоа можете да го проверите на интернет – изјави Мицкоски.

На средбата со Борисов, Мицкоски посочи дека бил стипендист на владите на Италија и на Германија, како поткрепа на тезата дека партијата што ја предводи се залага за членство на земјата во ЕУ. Од СДСМ, пак, реагираат дека во биографијата на Мицкоски никаде нема податоци дека тој се образувал надвор од државата.

„Христијан Мицкоски, кој дипломирал, магистрирал и доктрорирал на Машинскиот факултет во Скопје, а потоа му станал и асистент на својот татко, вели дека магистрирал и докторирал во Италија и Германија како стипендист на двете пријателски земји. Го повикуваме јавно Мицкоски да каже каде дипломирал, магистрирал и докторирал и да објасни под кои услови и со кое знаење“, инсистираат од СДСМ.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...