Заев Зоран и Пендаровски Стево знаат што ги чека и што ќе им тежи од денеска па натаму. Тие денеска немаше да ги имаат тие кисели скаменети насмевки, но знаат дека од денеска им почнува вистински политички пекол затоа што ќе ја претвори ВМРО-ДПМНЕ во најголема политичка сила, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото обраќање откако неговата кандидатка Гордана Силјановска Давкова ги загуби изборите од Стево Пендаровски кој ќе биде новиот претседател на Македонија.
Ниту тој, како и Силјановска, не му ја честитаа победата на Пендаровски. Мицкоски се осврна на тоа дека победиле во голем број на општини.
– Картата е црвена, тоа се боите на победата, на народот, на ВМРО, на Македонија. Реалноста значи победа во најголем број на општини каде ВМРО-ДПМНЕ победи во првиот круг, а сега победивме со уште поголема разлика. Партијата која народот ја избра и која ќе освоеше најголем број на мандати и пратеници ако ова беа парламентарни избори е ВМРО-ДПМНЕ. Споредено со коалицијата на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ освои најголем број на гласови. ВМРО-ДПМНЕ направи одлични резултати. Новата реалност е дека ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка сила во Република Македонија – порача Мицкоски.
Тој рече и дека власта го ставила членството на опозицијата под под политички прогон, го замрзнале седиштето, ги скратиле финансиите што со закон ги следувале.
– Но ние работевме и заедно со професорката Гордана Силјановска Давкова дојдовме до блиску 370.000 гласови. И ќе продолжиме да работиме, а тие повторно нека продолжат да размислуваат, да креираат, конструираат и под политички прогон да го ставаат членството. Ние продолжуваме да работиме да на следните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ја стигне онаа бројка која ја заслужува, а тоа близу половина милион гласови – рече Мицкоски.
Тој обвини дека денеска имало нерегуларности, уцени, закани, притисоци, веројатно и брзи прсти, но и индиции за поткуп. И тоа, посочи опозиционерот, не се европски вредности.
Мицкоски рече резултатот кој го направиле покажува само дека на Македонија и треба правда.
– И ќе успееме, Македонија заедно со народот, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе успее. Јас не давам ветувања кои не можам да ги исполнам. Оваа власт свесна е дека е веќе минато, падна. Ќе ги поразиме заедно со народот. Со чесниот народ. Колку и лажно да се силат, знаат дека е ова лош резултат за нив, резултатот е последица на бескрупулозното пазарење и ти тоа господине Заев го знаеш. Денес Македонија се буди во нова реалност, општествена реалност која значи делегитимирана власт. Благодарам на сите кои гласаа. Но ќе ги споменам и разочараните кои не гласаа, нека нѐ следат и ќе ги убедиме – рече Мицкоски.
Тој на крај ѝ се заблагодари и на Силјановска.
– Професорке вие сте жена за пример, чесна и со екстремно цврст збор. ВМРО-ДПМНЕ и јас лично сметаме на вас, на вашето знаење. Вие ст хероината на народот, фала ви за сѐ што направивте. Професорке ова е ваш дом исто колку што е и мој – рече Мицкоски.