Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Гевгелија им порача на сите граѓани на земјава да веруваат во подобра иднина и најави дека од денеска опозицијата излегува на улиците и плоштадите.
– Знам дека ова се тешки моменти, знам дека сите ние очекуваме да добиеме чист датум за отпочнување на преговорите со ЕУ. Сите ние веруваме во европска иднина и ќе продолжиме да веруваме, но нема да нè водат политичари лажливци, коишто само ветуваат, а ништо не исполнуваат, рече Мицкоски.
Додаде дека доаѓаат честити луѓе, со силна биографија кои знаат како треба Македонија да ја внесат во семејството на европските народи и дека тоа го може само идната влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ веднаш по предвремените парламентарни избори.
Во своето обраќање лидерот на опозицијата рече дека како партија му дале шанса на процесот и рече дека „17 октомври е денот кога завршува концесијата“, ден кога завршува трпението на ВМРО-ДПМНЕ и дека денес ги повикува сите да се придружат за, како што рече, да изгрее вистинското сонце на слободата во Македонија.
– Од денеска за опозицијата 24 часа на ден домот ќе биде плоштадот, улицата, вратата на нашите соседи и нашите сограѓани ширум целата Македонија. Сите сме ние денес иста генерација и делиме иста судбина. Од денеска започнува последната пресметка, од денеска ја најавувам големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, рече Мицкоски.