Мицкоски: Одговорност ќе има, а ти Зоран Заев ќе одговараш!

3167

Власта како почна така и завршува. Денот го завршуваат со закон за спас на криминалот на Зоран Заев и неговите соработници и тоа го донесуваат на неуставен начин. Добра вест е тоа што завршува владеењето на Зоран Заев, рече на денешната прес конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако Собранието го изгласа Законот за јавно обвинителство по повторно гласање.

– Ова беа три години на неправда, брутален криминал и врзани очи на министрите и на владата, затоа што тоа се првите кои прават криминал. Ова е време на рекет, милионски провизии, бизнисмени кои сведочат за рекет, кеш и уцени. Криминалците направија сојуз со власта. Ова е време кога на површина излегуваат сите лаги. Нема правда, нема ниту мир – рече Мицкоски.

Тој најави дека ќе има одговорност за Зоран Заев и за неговите соработници.

– Одговорност ќе има, а ти Зоран Заев ќе одговараш. Мора да има одговорност. За мене лично и за мојата партија ова е битка за принципи. И мојата визија за Македонија почива на три принципи: чесност и честитост, работа која мора да донесе резултати и одговорност. Затоа што мора да има правда за секого без оглед на политичката припадност и кој со кого е близок – рече тој.

Мицкоски најави подобри времиња за граѓаните.

Тој го повика претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува Законот за јавно обвинителство бидејќи не е почитувано Бадентеровото правило за гласање.

– Ако го потпише ќе биде соучесник – рече Мицкоски.

Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе сите правни и законски мерки кои му стојат на располагање да го оспори, како што рече, денешното  однесување. А по 12 април ќе има одговорност за тоа.

Мицкоски ја прокоментира најавата на Заев за марш на правдата.

– Предводникот на неправдата овие три години ќе прави марш за правдата или во реалност марш за спас на милионите на Вицето, марш за спас на плантажите од марихуана на неговите роднини, марш за спас на Заев од Рекет, марш за спас на убијците кои ги пуштија на слобода овие три години. Патеката по која утре ќе чекорат е истата по која ќе си заминат после 12-ти април – рече Мицкоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...