Пред една година бевме сведоци на груба злоупотреба на власт, кога на пратеници од опозицијата им се ставаа лисици и брутално се омаловажуваа пред очите на македонската јавност. Истото тоа беше констатирано и од Народниот правобранител и се разбира, кога станува збор за СДСМ, одговорност нема, рече Христијан Мицкоски, лидерна ВМРО-ДПМНЕ од протестот пред Владата.
– Но, ќе дојде денот кога ќе одговараат сите до еден. Убиства ни се случуваат по улиците во главниот град, брутални убиства по чикашки методи од почетокот на деветнаесеттиот век. Но нема ниту луѓе пред судовите, ниту сторители на тие настани. Каде е сега министерот за внатрешни работи да излезе и да каже? Или полесно му беше да ги апси пратениците од опозицијата? Или можеби му беше полесно да прати вооружени припадници на МВР да го заобиколат штабот на ВМРО-ДПМНЕ, да ги претресуваат нашите возила, да бараат луѓе во гепек, да бараат луѓе по нашите седишта. Тоа ли е демократија? Тоа ли е опозициона мисла? На тој ли начин сакаат со опзоицијата да се справат? На тој ли начин сакаат да ја задушат опозицијата? – праша Мицкоски.
Тој порача дека ќе ги поразат СДСМ жестоко на следните избори и ќе им покажат каде заслужуваат да бидат, како што речем на буниште. Тој најави дека партијата започнува со активности ширум Македонија.
– Едно големо „Уаа” за Зоран Заев. Припадниците на МВР ја чуваат Македонија од тој натрапник внатре кој некаде се крие. Денеска почнуваме и одиме ширум Македонија за викенд. Секоја среда ќе сме пред Владата да го изразиме нашиот револт. Тој ќе биде изразен поинаку, со мирни протести. Нема да бидеме како нив, да кршиме и фрламе, бидејќи ние ова го градевме. Ветија ќе ја тргнат оградата, а не ја тргнаа. Што е се плашите од народот?- рече Мицкоски.
Тој им порача на партиски членови дека ВМРО-ДПМНЕ излегла на улиците.
– Еве не излеговме и за националното понижување, но излеговме и за сите економски порази затоа што сме понесреќни, затоа што Македонија ни е посиромашна. Ќе се обединиме сите заедно за да ја урнеме оваа неспособна и криминална власт. Зошто ни е на нас времето? Тоа ни е важно за да можеме поорганизирани и посплотени да протестираме пред Владата. Да се собереме, што повеќе да дојдат сите слободно и да можат демократски да го изразат својот револт за овие национални понижувања кои ни се случуваат во изминатава година. Се сеќавате за програмата дека ќе дојде живот – но пекол донесоа и темнина кај секој еден граѓанин – рече Мицкоски.
Тој додаде дека црнила и темнина надвладеаја над земјава.
– Ветуваа Гугл и Фејсбук ќе го донеселе. Шајка не заковаа. Се шетаа по телевизии и не убедуваа да гледаме низ нивните очила. Нема да ви дозволиле, нема да ве оставиме додека не ви го видиме тилот како ви излага од овде. Не пониживте, ќе ве поразиме. Ќе изгрее зора на слободата – рече лидерот на опозициската партија.
Тој ги повика граѓаните да им се приклучат на протестите ширум земјава.
– Ќе дојдат избори, еве претседателските доаѓаат, ајде тука жестоко да победи нашиот кандидат. Тоа е првиот чекор за да ја ослободиме татковината од стегите и прангите – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите да им се приклучат, да се обединат и да ги поразат тие кои се спроти нив.
– Ова не е битка за ден или за два. Ќе трае подолго. Ќе ви ветам дека сигурно ќе ги победиме. Ќе ги победиме и новите поддржувачи кои останаа рамо до рамо со нив. Затоа ќе биде таа победа поголема. Зората ќе дојде – рече Мицкоски.