Не е точно дека ВМРО-ДПМНЕ бара спасување на случаи од обвинителството и судството, тоа единствено го прави актуелната власт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување на Топ Тема на телевизија Телма.
– Еве јавно кажувам слободно, јавното обвинителство нека ги води процесите кои што ги води, не бараме ништо да сопре. Како што си ги преземаа така нека ги водат, немаме никаков проблем со тоа. Слободно сите случаи кои што се отпочнати во рамките на Јавното обвинителство до крај нека се истераат и во судските процеси и секаде – рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека партијата нема да чувствува одговорност доколку не се донесе Законот за јавно обвинителство.
– Не знам зошто би чувствувале одговорност како опозиција ако законот не се донесе. Одговорноста е на предлагачот ако некој закон не се донесе. Владата треба еднаш да покаже зрелост, да се издигне, да ги надмине личните фрустации и да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, да дозволиме оние кои се најкомпентентни да го направат законот. Ние тој закон безусловно ќе го поддржиме. Ги замолувам да остават законот да го направат експертите – порача Мицкоски.