Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски категорично ги демантира неофицијаните информации и пишувања во медиумите дека попладнево на седница на Извршниот комитет ќе бидат разрешени потпретседателот Митко Јанчев и Даниела Рангелова, претседателката на Унијата на жените.
Лидерот на опозициската партија оценува дека станува збор за шпекулации зготвени во кујната на социјалдемократите и јалов обид за дефокусирање на македонската јавност од суштинските проблеми во државата и од фактот дека референдумот беше неуспешен. СДСМ, вели Мицкоски за Плусинфо, по неуспешниот референдум, наместо да одговори како се полнеа кутии и како беа уфрлени повеќе од 35.000 гласачки ливчиња, продолжуваат со дезинформирање на јавноста и оцрнување на опозициската партија.
– Најостро демантирам дека на седница на Извршниот комитет ќе се случи какво било разрешување во партијата. Ниту сум помисил, ниту планирам да има такво нешто. Јас ги разбирам СДСМ и луѓето околу нив и јасни ми се нивните намери и што сакаат да постигнат со вакви шпекулации и класини дезинформцаии насочени, пред сѐ, кон ВМРО-ДПМНЕ. Ние се подготвуваме за избори и немаме намера да се занимаваме со шпекулации на кујната на СДСМ по неуспешниот референдум – вели Мицкоски и додава дека станува збор за редовна седница на Извршниот комитет на која партијата планира да ги заокружи подготовките за претстојните предвремени парламентарни избори.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги демантира и пишувањата во медиумите дека наводно барањето за разрешувањето на Јанчев и на Рангелова било стокмено токму по негова директива, а поради несогласувања околу партиската одлука секој да постапи по свое убедување на референдумот.
– Јас како претседател и како човек во ниту еден момент не сум помислил на такво нешто. Со Јанчев имам добра комуникација, токму утрово со него разговаравме. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен и неколку пати досега повторен и за ситуацијата пред и по референдумот, а секој што смета да постапи спротивно на волјата на граѓаните јасно изразена на 30 септември ќе ја загуби довербата од македонските граѓани – вели Мицкоски.
Порталот Либертас пишува дека извесно време односите на Мицкоски со Рангелова и Јанчев се повеќе од заладени, а причина е референдумот и пораките од сестринската ЦДУ и меѓународните фактори дека ако не биде реализиран договорот од Преспа кој е услов за влез на Македонија во НАТО и добивање датум за преговори со ЕУ, вината и одговорноста ќе паднат на најголемата опозициска партија.