Мицкоски не ја зборува вистината за Договорот

2601

Во последно време Мицкоски е sвезда во медиумскиот простор, те изјави, те интервјуа, најчесто се среќава во медиумите на опозицијата „Курир“ и „Република“, но секаде повторува исти работи поврзани со Договорот со Грција. Да ги оставиме настрана неговите пребрукирани ангажмани, посебно околу „консултацијата со народот“ за изградување став на партијата ДПМНЕ за Договорот, ние во продолжение ќе се задржиме на неговите невистини за Договорот. Ќе почнеме по ред.

Прва невистина. Мицкоски често изјавува дека за ВМРО-ДПМНЕ Договорот со Грција е капитулантски и не ги штити националните интереси.

Договорот (Спогодбата) со Грција е договор како и секој друг договор во кој е изразена волјата на двете страни. Во преговарачкиот процес кој траеше повеќе од 3 месеци, двете страни правеа компромиси додека се постигна конечниот текст на Договорот што беше потпишан во Преспа. Капитулантски договор имаме кога едната страна ги диктира условите а другата која мора да ги прифати, кога постојат посебни околности за тоа. Најтипичен пример за капитулантски договор имаме во време на војна, кога едната страна капитулира и победената страна е присилена да ги прифати сите услови што ги диктира победникот кои ги прифаќа без приговор.

Не е јасно како за сите, посебно за државниците на меѓународната заедница и Америка, договорот е историски а за Мицкоски тој да ти бил капитулантски. Тоа ти е „вмровска храброст“ (!) – да пркосиш на целиот свет!

Втора невистина. Мицкоски тврди дека со Договорот е изгубен националниот идентитет и јазикот, главна причина дека Договорот е штетен за националните интереси.

Во член 1 од Спогодбата јасно стои дека: 1) името на Втората страна е Република Северна Македонија или скратено Северна Македонија; 2) државјанство: македонско/државјанин на Република Северна Македонија; јазик: македонски. Што е тука нејасно? Сѐ е јасно, дека со Договорот од страна на Грција е признат македонскиот национален идентитет и јазик, со тоа што ние остануваме по националност Македонци кои го зборуваме македонскиот јазик! Само потсетете се дека Грците нас нѐ нарекуваа „словенофили“, „скопјани“, никогаш не нѐ нарекувале „Македонци“.

Ако член 1, напред изнесен, го прочита Рамче од некоја тезга на Бит-пазар или Петре земјоделец од Долно Дупени ќе му биде јасно дека ние остануваме Македонци кои го зборуваме македонскиот јазик а живееме во држава Северна Македонија. Како може на еден универзитетски професор, Мицкоски, ова да не му биде јасно? Ако на Рамче му е јасно и на Мицкоски му е јасно, но невистината за идентитетот најмногу го погодува и делува кај неукиот просечен Македонец за да го наведе да гласа против или да го бојкотира референдумот!

Ваквиот пристап на Мицкоски да се служи со невистини и да делува на гласачкото тело да гласа против или го бојкотира Договорот не е дозволено со Правилникот на ДИК, но не знам дали е казниво но крајно е неморално за еден универзитетски професор и лидер на партијата ДПМНЕ.

Трета невистина. Мицкоски тврди дека со Договорот Македонија не влегува во ЕУ, за влез потребно е спроведување реформи и европски вредности, за што оваа влада на СДСМ не е способна да ги испорача.

Невистина до невистина. Многу е наивно едно вакво тврдење, па не заслужува многу да се коментира. Македонија преговара 27 години со Грција за промена на името како услов за влез во НАТО и ЕУ, од кои владите на ВМРО-ДПМНЕ преговараа со Грција 15 години! Ваквото тврдење е инфантилно, не заслужува поголем коментар!

Сѐ уште Мицкоски „се консултира со народот“ па партијата ДПМНЕ нема став како ќе настапи, со каква реторика за референдумот. Во овој момент само можеме да претпоставуваме, но најверојатно е доколку водат кампања за гласање „против“ или за бојкотирање на референдумот, секако дека горе изнесените невистини ќе бидат главните „столбови“ за убедување на нивното гласачко тело за целите кои ќе бидат познати на 10 септември. Да го оставиме Мицкоски на мира, само да го потсетиме „консултирајќи се со народот“ да не го испушти референдумот!

На крајот малку да се насмееме. Мицкоски ќе изјави, додека во јавноста се актуелни договорот со Грција и сите штетни последици кои тој ги носи, Македонија се соочува со уште еден голем пораз, ниту еден од универзитетите во земјава не е во првите илјада на Шангајската листа за успешност во високото образование (sic!)!

Село гори баба се чешла! Мицкоски сите нерешени проблеми во земјата, од султан Хамид наваму, прецизно ги детектира и сите ги адресира на владата на СДСМ и Зоран Заев дека не ги решила…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...