По инцидентот во истражниот затвор во Шутка, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, попладнево бил во ГОБ „8-ми Септември“ со намера да го посети Миле Јанакиески, кој таму бил донесен на преглед, по првичните информации дека е повреден во физичката пресметка во затворот.
Мицкоски кој, во обидот да влезе во болницата имал и „блиска средба“ со обезбедувањето, бидејќи не му било дозволено да влезе во собата на Јанакиески. Му била побарана и судска дозвола за да го види, бидејќи Јанакиески од вчера е во притвор.
– Не ми дозволија да го посетам Миле Јанакиески, никој не дојде да ни каже што се случува. 50 полициски сили имаше пред собата на Миле, чекавме директорот да добие насока од неговиот шеф Зоран Заев да ни каже, да ни го оправда ова. Докторот ни кажа дека Миле има телесни повреди по телото – изјави Мицкоски.
Тој ја обвини власта за инцидентот во затворот и дека не презеле доволно мерки за заштита на затворениците и побара оставки од министерката за правда, Рената Дескоска, и од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.