Заев филмски и кинематографски ја најавуваше метлата која требаше да заигра уште првиот ден после вториот круг, но тој првиот ден прво се одмори, а третиот ден после вториот круг го грабна моторот и заедно со другарите си отиде на неколкудневна прошетка низ Балканот, да си се одмори, па откако се врати изјави метлата ќе заиграла во јуни или за неколку месеци, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во општинскиот комитет на Гази Баба.
– Се знае дека нема подобро со оваа власт и дека метлата во која се колнеше премиерот Заев е само уште една проѕирна лага. Откако во првиот круг ги виде резултатите од изборите, на кои претходно велеше дека блескаме, вети дека ќе прави метла. Завршија изборите, наместо метла отиде на одмор. А таквата, метлата ќе ја правел по еден месец. Но не е до метлата, туку до тој што треба да измете. Тој човек треба да си замине – потенцираше Мицкоски.
Тој додаде дека власта секојдневно ја уништува државата и со својата непринципиелност создава зад себе чемер и јад и неморал кој ги урива вредностите, но за разлика од нив ВМРО-ДПМНЕ е поинакво и негова обврска заедно со народот е да се избори за подобра иднина на Република Македонија и за решавање на проблемите на граѓаните.