Средбата помина во еден пријателски убав амбиент. Ги разменивме мислењата околу актуелните политички случувања во државата. Ги кажавме нашите аргументи, ги слушнавме позициите од страна на еврокомесарката Могерини, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.
– Ја користам оваа прилика да се обратам лично и персонално на граѓаните на Република Македонија, а истото тоа е поврзано со неколку последни несреќни изјави кои што претседателот на Владата, Зоран Заев изминатите неколку дена егзибиционистички во свој стил, неконтролирано ни кажува за време на оние соочувања со граѓаните.
Можевме да слушнеме како претседателот на владата повикува на камшикување на сопствениот народ, како повикува на мито на сопствениот народ кога ги повикува бизнисмените да го одврзат кесето и да дадат 13-та плата, како имал средба со одреден бизнисмен во владата.
Ги замолувам сите граѓани во Република Македонија да не подлегнуваат на сите овие обиди за понижување и омаловажување бидејќи никој во историјата македонскиот народ не го камшикувал, па нема тоа да му го дозволиме ниту на Зоран Заев, ниту на било кој кој што ќе се обиде да направи такво нешто.
Никој во историјата не успеал да го понижи сопствениот народ, македонскиот народ и останатите граѓани во Република Македонија како што тоа го прави Зоран Заев изминатите денови. Затоа би сакал сите вас, граѓаните на Република Македонија, Македонците, но и останатите да ве замолам да го задржите вашето достоинство, да не потпаднете на провокации од страна на претседателот на владата вие сте горди, вие сте достоинствени што живеете во оваа држава тука е ВМРО-ДПМНЕ.
Послушајте го вашето срце и разум како да постапите во својот живот, така и постапете на 30 септември. Ниту едно омаловажување, ниту едно понижување, ниту еден обид за камшикување на Зоран Заев и рамадилата околу него нема да им помине – рече Мицкоски.