За жал, деновиве сме сведоци на масовна појава на загуба на човечки животи поради неквалитетното здравство. Тоа е загрижувачки, за сите нас. Ова не е дневна политика, иако политичарите кои го водат ресорот се најодговорни, тука се работи за здравјето на граѓаните. За животот на деца, млади, возрасни, порача во видео обраќањето претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и побара оставка од министерот за здравство Венко Филипче.
– Никогаш порано во Македонија не се случило ова што се случува денес. Има десетина смртни случаи во десетина дена. Смрт после и пред операции. Смрт од епидемии, на морбили и на грип. Нема акција, нема дејство од владата. Наместо здравје, граѓаните добиваат смрт. За два дена згаснаа три млади животи поради епидемија на морбили, и два животи згаснаа поради епидемија од грип. Не вратија 100 години наназад рече Мицкоски.
Тој додаде дека власта манипулираасо МРП вакцините и дека се откри оти има вакцини со поминат рок.
– Министерот Филипче ја лажеше јавноста и со лажно вакцинирање на својата внука. Поради негрижа, и непочитување на законските протоколи се раширија морбилите и меѓу другите болни деца на детската клиника. 33-годишен татко и сопруг починал поради обична скршеница и несоодветна терапија. 61 годишна жена починала само затоа што била препраќана од една болница во друга, со образложение, замислете дека нема доволно место и слободен кревет. На Клиниката за стоматологија се појави опасна бактерија МРСА. Министерот молчи, премиерот нема фокус, за на крај директорот на Клиниката за абдоминална хирургија со скандалозна изјава да ни порача – цитирам „секој има право да умре” – изјави Мицкоски.
Тој праша што ли треба да се случи, колку животи треба да се изгубат за да се преземе одговорност.
– Оставка на министерот веднаш. Но и тоа не е доволно доколку за краток период не се преземат мерки и активности за средување на хаосот. Неспособноста на Заев и Филипче се плаќа со животите на граѓаните. И ова треба да престане. И ова не е политика, ова е појава која го загрижува целото општество. Ние сме вознемирени и загрижени. Ако владата не знае како да се справи, нека праша. ВМРО-ДПМНЕ ги става на располагање сите свои потенцијали за справување со состојбите. Потребна е акција, а владата бега. Имаме решенија кои можат да помогнат за да се санираат состојбите – истакна Мицкоски.