Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на средба на државниот врв и порача дека ќе присуствува на средба ако добие покана за средбата која се најавува откај претседателот Стево Пендаровски за во недела попладне.
– Време е за мудри, логични и одлучни одлуки. Повикувам на средба на државниот врв на која ќе се дискутира за сето ова, а пред се за иднината на Македонија. А, Македонија е пред крупни одлуки кои ќе донесат промени и има иднина за која сите заедно ќе се избориме бидејќи доаѓа обновата. Изборите се важни, но не по секоја цена да се дојде на власт, туку се потребни за да покажеме на светот, но и кај разочараните кои ги разбирам совршено, дека можеме подобро, можеме поинаку и дека има надеж, Македонија ќе успее – рече Мицкоски.
Тој рече дека ќе се согласи дека одлуката за недобивање датум е пораз, но тоа не е пораз на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, тоа е пораз на политиките на Зоран Заев и оваа власт. Но, ЕУ, рече останува пријател и наша стратешка цел.
– Народот бара и посакува предвремени парламентарни избори, исто како и јас, тоа е единствено логично и посакувано решение за да се надмине кризата и оваа повеќе неодржлива ситуација. Колку и да се противи власта избори ќе дојдат, а со тоа доаѓа и политичкиот крај на Зоран Заев. Во тој меѓу период потребни се реформи. Коренети и брзи реформи, кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи план во најкус можен период консултирајќи ги експертите и употребувајќи ги сите свои капацитети кои што ги има на располагање. Овие реформи треба да ги спроведе влада, составена од силни индивидуи, со богато лично, стручно портфолио кој ќе го дадат својот максимум служејќи и на државата – рече Мицкоски, не посочувајќи поконкретни барања за изборите.
Меѓутоа, порача оти нивниот начин на делување во иднина нема да биде со радикални чекори.
– Нема да бидат радикални чекорите, бидејќи не сакаме да ја продолжиме агонијата на граѓаните и кариерите на Заев, Шекеринска итн. Сакаме да ги убедиме и нив, дека единствен разумен чекор е да оставиме граѓаните да одлучат дали блескаме како што велат или ќе ги блесне гласот на народот – рече лидерот на опозицијата.
Тој очекува Заев да даде оставка и да се формира техничка влада.
– Но, повторно ќе кажам дека не сакам ова да биде разбрано како избори за пуста власт. Не. Ние сакаме влада која ќе биде вистинска и ќе понуди вистински реформи – посочи Мицкоски.
На прашање за силните индивидуи кои ќе бидат дел од владата што ќе ја предложи ВМРО-ДПМНЕ, тој не сакаше да излезе со конкретни имиња.
– Персоналните решенија ќе ги оставиме за некоја друга дискусија, откако ќе знаеме што ќе се случува понатаму – рече тој.