Мицкоски: Нема да поддржиме закон за инсталирање на роднините на Катица!

616

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска му одговори на премиерот Зоран Заев, кој вчера посочи дека опозицијата е одговорна поради немањето договор за новиот закон за јавното обвинителство. Мицкоски преку статус на Фејсбук најавува обнова на Македонија. Неговиот одговор го пренесуваме во целост:

„Денешниот пост ќе го започнам со еден цитат кој вели: „Power is okay, and stupidity is usually harmless. Power and stupidity together are dangerous“, Patrick Rothfuss.

Заев, но и неговата копија, она младо и заведено момче Костадинов, во страв и паника продолжуваат со навредите кон мене и ВМРО-ДПМНЕ и можеби секој одговор после нивните вчерашни панични напади е непотребен, но водејќи се од крајот на тоа што Patrick Rothfuss во неговата книга The Name of the Wind од 2007 година го вели, тогаш навистина барем Заев заслужува одговор. Имено, Зоран Заев можеби заборавил, но ќе го потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција работеше на реформите и благодарение на додадената вредност во тој реформски процес Република Македонија денес сѐ уште добива позитивни извештаи со препорака за добивање датум за отпочнување преговори од Европската комисија. Но, да сме јасни, јас и ВМРО-ДПМНЕ не можеме да поддржиме закон кој има единствена цел, амнестија на криминалот на Заеви и пресметка со политичките противници од опозицијата.

Се согласувам апсолутно со тврдењето дека имплементцијата на правдата зависи од ВМРО-ДПМНЕ, добро е што и Зоран Заев и неговите обожаватели сфатија дека за неколку месеци од сега реалноста ќе биде поинаква во Република Македонија. Со други зборови, Заев не е во состојба да наметнува услови, ниту да диктира темпо, а правдата е потребна зашто тој и неговите луѓе носат неправда.

Доаѓа правда за сите граѓани, нема привилегирана каста на политичари, туку политичари кои ќе им служат на граѓаните и државата. Секој што се огрешил пред законите и посрамотил пред граѓаните ќе треба да понесе одговорност. Но Вие сте грешеле многу и затоа сега ви е потребен закон за обвинителство ваков каков што е за да можете да излезете пред членовите на вашиот ЦК и да ги убедувате дека сега Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги притиснеле странците да го поддржат законот па така Катица како ново промовиран заменик републички обвинител, помошниците на Катица во новото обвинителство заедно со нивните братучеди, внуци, снаи, соседи и пријатели на Катица, но и по некој член на СДСМ во тимот истражители и администрација ќе носеле правда во „заробената држава“, а денес со голем дел од тие луѓе се уортачивте и заеднички ковате планови против Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Притисоците ќе поминат, Катица и останатите ќе имаат можност да докажуваат низ фер истражна постапка дали се или не се дел од октоподот наречен рекет, а вие заедно со вашите нови ортаци ќе бидете поразени на следните предвремени избори и затоа бегате да проверите дали блескате или ќе ве блесне народот со жестока казна, ден порано. Нема да поддржиме со закон инсталирање на роднините, братучедите на помошниците на Катица, внуците, снаите, соседите и пријателите на Катица, но и по некој член од СДСМ во новото обвинителство додека младите ја напуштаат масовно државата затоа што не добиле шанса.

Ќе има фер транспарентна постапка за секој кој чувствува дека има компетенции да може да се пријави, а не само тие кои вам ви слугуваа до сега. Дали државата била „заробена“ имавте можност со вашите слуги во обвинителството и судството да докажувате веќе трета година по ред, ги излажавте сите оние кои ви веруваа во паролата немало правда немало мир, но затоа сега за малкутемина привилегирани има функција, има привилегии, а за вашите најблиски има тендерчиња има дебели провизии по принципот пола пола, место на исплата сега веќе различно, но најмногу старото проверено, еден ресторан во југоисточна Македонија. Не успеавте да докажете дека била „заробена држава“, но еве сега јас ќе ви кажам, денес Македонија е „изгубена држава“, ја губиме од ден на ден, педа по педа сите ние без разлика на етничката припадност, без разлика на политичката припадност поради вашиот ортаклук со криминалните банди кои формално и неформално ги инсталиравте до себе, но и околу себе.

Сосема на крај ќе се вратам на почетокот, како што ќе напише Patrick Rothfuss, моќта е во ред, а глупоста најчесто е безопасна, но моќта и глупоста заедно се опасни, затоа следи #ОбноваНаМакедонија, а со тоа и одговорност за криминалот, лагите и корупцијата…

ПС: Не одговоривте на многу прашања досега, а во периодот кој следува ќе Ви поставам дополнителни прашања, внимавајте, размислете добро што ќе одговорите.“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...