Мицкоски нема да повика на бојкот на референдумот

6178

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најверојатно нема да повика на бојкот на референдумот, ниту пак ќе повика на излезност на гласањето на 30 септември. Главно неговата порака ќе биде во насока на неговиот говор во Кичево, од каде го повика членството на мудрост и единственост затоа што, како што рече, станува збор за национално прашање кое не треба да го решаваат партиите, туку народот. Во тој контекст, се очекува Мицкоски да повика секој својата одлука дали ќе излезе или не на гласање, да си ја донесе според своето лично убедување, брифираат извори во партијата кои, сепак нагласуваат дека конечната одлука ќе биде донесена вечерва на седница на Извршниот комитет и на Централниот комитет.

Не е исклучено по завршувањето на седниците лидерот на партијата да даде изјава.

Попладнево, пред седниците на ИК и на ЦК, се очекува Мицкоски да се сретне и со пратеничката група.

– Јас сум слуга на мојот народ, кој сум јас да му кажувам на народот што да прави – категоричен беше Мицкоски во Кичево, а токму оваа негова порака беше протолкувана дека лидерот на најголемата опозициска партија можно е да не повика на бојкот на референдумот.

Ако се анализираат досегашните потези, изјави и отворени пораки на опозицискиот лидер, извесно е дека тој нема да ретерира од веќе искажаното во Кичево, не само поради препораките од германската и австриската сестринска партија по посетата на канцеларите Ангела Меркел и Себастијан Курц, туку и поради тоа што точно е одмерена тежината на бојкотирачката одлука, а со тоа и последиците по неговата политичка кариера, а пред сѐ, понатамошното делување на партијата која тврди дека не отстапила од евроатланскиот пат.

Се шпекулира дека токму високите гости од Европа извршиле притисок врз Мицкоски да не помислува да повикува на бојкот на 30 септември, за да не се случи да ја загуби поддршката од моќните сестрински партии. Во врска со ова, во ВМРО-ДПМНЕ се категорични дека ниту Меркел, ниту Курц вршеле каков било притисок, туку дека во однос на креирање на одлуката за референдумот клучни ќе бидат ставовите на членството, а дека лидерот ќе ја почитува нивната волја.

– Шпекулациите дека имало силен притисок од страна на Меркел и на Себастијан Курц се произлезени од некои непријателски кујни кои немаат никаква допирна точка со вистината. Канцеларката Меркел е сериозен политичар и во никој сучај не би се ставила во ситуација со закани, или не знам какви притисоци да влијае врз одлуките на една исто така сериозна партија како што е ВМРО-ДПМНЕ – вели партиски функционер непосредно пред одржувањето на средбата на опозициските пратеници со раководството на партијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ речиси цело лето одбегнува јавно да искаже цврст и јасен став во однос на граѓанското изјаснување на 30 септември, а членството досега не успеа, како што вели Мицкоски, да го поттурне ако се двоуми во своите одлуки. Реално, членството и не може да направи голем притисок против референдумот затоа што дел од партисктата структура, брифираат извори во партијата, има своја противтежа во дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ кое смета дека и покрај капитулантскиот договор со Грција, треба да се излезе на референдум и секој да гласа по свое лично убедување. Во овој контекст не треба да се запостави и ставот на реформистите кои многу порано се изјаснија дека бојкотот не е во интерес на партијата.
Единствено, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, се изјасни дека ќе го бојкотира референдумот. Јавно, нему досега не му се придружиле други истакнати функционери од партијата, ниту пак лидерот Мицкоски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...