Имавме куса средба со претседателот на владата г-дин Зоран Заев. Куса беше затоа што немаше тема, односно целокупната тема беше исцрпена во текот на вчерашниот и денешниот ден, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со премиерот Зоран Заев во Влдата.
– Јас немам што да додадам, веќе го кажав во текот на оние две прес конференции кои што ги одржав во текот на вчерашниот ден но и во текот на денешниот ден. Така што немаше некои нови моменти кои што можевме еден на друг да си ги кажеме освен тоа да повториме дека ова за мене е капитулација, договор за капитулација на Република Македонија.
Тој договор ни е предаден нам односно на ВМРО-ДПМНЕ. Од страна на претседателот на владата добив информација дека во текот на утрешниот ден договорот ќе помине на владина седница и ќе биде декласифициран. Така што најверојатно во текот на утрешниот ден јавноста ќе ги знае деталите и спецификите на истиот. Ние допрва ќе го разгледуваме, така што ќе го коментираме во деновите што доаѓаат за сите оние детали кои што јавноста или не ги знае или не доволно и беа презентирани во изминативе два дена – рече Мицкоски.
На парашање дали тој побарал средба и да каже повеќе детали за состанокот Мицкоски одговори:
– Јас побарав средба за да го добијам договорот, затоа и ја побарав средбата, договорот го добив откако ќе го анализираме внатрепартиски ќе повикаме и консултација со сите партиски комисии со сите партиски органи, како што се Извршниот комитет, пратеничката група, Централниот комитет. Во наредните денови откако истиот ќе биде декласифициран ќе биде презентиран на јавноста. Ќе повикаме консултации исто така со другата јавност како што е Македонската православна црква, како што е Исламската верска заедница, како што е Македонската академија на науките и уметностите, која што за жал со овој договор нема да биде со тоа име можеби ќе биде со друго име. Ќе повикаме на консултации со други општествени групи во Република Македонија. Така што би сакале еден поширок дијапазон на мислење да собереме во периодот кој што следува.
На новинарско прашање дали ќе има време за тоа, бидејќи се најавува договорот дека следната недела ќе биде во Собрание, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека токму одговорот на ова прашање се содржи во самото прашање.
– Некој не доведе во една ваква незавидна ситуација, Република Македонија, граѓаните на Република Македонија, и сите општествени групи во Република Македонија си го приватизираше и монополизираше целокупниот овој процес. Не стави сега пред свршен чин да коментираме капитулација. Но ние рековме денеска на денешната прес конференција дека ќе ги искористиме сите демократски и законски средства кои што ни стојат на располагање, да му пркосиме на истото.
Мицкоски кажа дека со претседателот Ѓорге Иванов Да на претседателот Иванов му ги повторил позициите на ВМРО-ДПМНЕ и неговите позиции.
– Претседателот ме информираше и ме охрабри дека во текот на денешниот ден ќе има исто така обраќање кон јавноста, така да за деталите ќе можете него директно за време на тоа обраќање да го прашате – рече Мицкоски.
Тој додаде дека врз основа на деталите кои што ги дознаваат од медиумите не само што нема простор да се промени неговото мислење, туку напротив неговото и мислењето на партиските органи е се поцврсто.