Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска, заедно со потпретседателот Александар Николоски во Будимпешта се сретнал со премиерот на Унгарија, Виктор Обран.
„На средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба во земјава, главните предизвици со кои таа се соочува, за стратешките интереси и перспективи на Република Македонија, како и прашања поврзани за меѓусебна соработка на партиско ниво меѓу партиите на Мицкоски и Орбан во рамките на Европската народна партија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски посочил дека за ВМРО-ДПМНЕ исклучиво важни се европските перспективи на Република Македонија кои, како што рекол, се загрозени од неодговорната Влада на Заев.
Во тој контекст претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изразил загриженост поради криминалите и корупциските скандали со кои се соочува Владата на премиерот Заев, како и отсуството на правни разрешници на таквите криминални афери кои го загрозуваат функционирањето на правната држава.
– И покрај отсуството на реформи, и сериозните индиции за криминално работење на владата кое допрва треба да се преиспита, сметам дека е потребно земјава да добие датум за преговори поради фактот што граѓаните не смеат да бидат заложник на неспособноста на Владата, како и поради потребата да се воспостави уште еден контролен механизам врз владата преку поблиско мониторирање на нејзината работа од страна на европските институции. Недостатокот на владеење на правото го следат и лоши економски резултати. Наспроти нереалните фалби на Владата и премиерот, граѓаните не живеат подобро а сиромаштијата и иселувањето стануваат акутни проблеми – подвлекол Мицкоски.
На средбата станало збор и за перспективите за меѓусебна соработка особено во пресрет на Конгресот на Европската народна партија каде ВМРО-ДПМНЕ и партијата на премиерот Орбан се сестрински партии членки.
Мицкоски истакнал дека е за развој на меѓусебната соработка и афирмација на стратешките цели на Република Македонија.
Средбата со премиерот Орбан која била на државно ниво и со официјален пречек се случила во неговата официјална резиденција во замокот „Кармелита“ каде унгарскиот премиер остварува редовни средби со премиери, претседатели и други високи гости.