Иако во изминатите месеци тивко се зборуваше, последниве денови се погласно се говори од страна на експонентите на власта дека, наместо да избираат граѓаните, можен е избор на претседател во Собранието на Република Македонија. Сакам да бидеме на јасно, ова е сценарио за суспендирање на волјата на граѓаните, поништување и укинување на правото граѓанинот директно, на непосредни избори да го избира својот претседател. Добро се знае кој го има мнозинството во Собранието, исто како што се знае и начинот до кој дојдоа до тоа мнозинство, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција.
– Со ова изборот на претседател ќе се сведе на трговија со услуги наместо да биде јасна волјата на народот изразена непосредно на избори. Сценариото што го најавуваат е повторно да заплашат дека можат и без народот како што тоа го направија со измените на Уставот. Да се поништува волјата на граѓаните и да се избира претседател наместо на избори, во Собрание, не е баш Европска Македонија, а уште помалку некакво одење напред. Тоа е огромен чекор наназад, во уште потемни времиња за Република Македонија. А зошто ова го прават и зошто е ова сценарио на Зоран Заев? Зошто знаат дека на фер и демократски избори ќе загубат, катастрофално ќе загубат, исто како што знаат дека народот доаѓа по своето оваа недела. Затоа се нервозни, затоа прават сценарија, ставајќи се над законите и над Уставот. Но треба да знаат дека не се господари на волјата на граѓаните, туку тие треба да бидат слуги на државата Република Македонија – порача Мицкоски.
Тој, како што рече, јавно предупедува кој е начинот да се избегне ова сценарио.
– Да се излезе, да се излезе што помасовно во недела, во што поголем број и да се покаже дека народот е главен и суверен во оваа земја и дека правдата ќе победи, правдата ќе го казни Заевизмот за сето она што го ветија, а не го направија и за се она штетно што испорачаа. Сега е моментот кога треба да се биде гласен и да се преземе судбината во своите раце. Власта да не се дрзнува да ја попречува волјата на народот и да не пристапува кон методите на фалсификат како што тоа го правеше за време на референдумот. Тоа овој пат нема да помени – рече Мицкоски и ги повика граѓаните да излезат и да гласаат за промени.