Мицкоски: Мали се шансите за предизборно коалицирање со албанска партија

297

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека за претстојните предвремени парламентарни избори во коалицијата „Обнова на Македонија“ остануваат политичките партии кои беа дел од неа, како и дека преговараат со други политички партии кои се заинтересирани да бидат дел од коалицијата.

Мали се шансите, како што вели, за предизборна коалиција со некоја од албанските партии, по примерот на денеска официјализираната коалиција помеѓу СДСМ и Беса.

Не открива повеќе детали за тоа што преговараат и договараат со политичките партии и најави дека кога ќе има официјална коалиција ќе има заеднички договор и тој ќе биде презентиран пред јавноста.

– Во текот на следната недела ќе излеземе со повеќе детали. Политичките партии кои беа дел од коалицијата „Обнова на Македонија“ остануваат, но исто така има и политички субјекти кои преговараат со нас. Нашите позиции се јасни, принципиелни и од тие позиции отстапување нема. Го слушнавме ставот, барањата кои се од страна на различни политички субјекти кои преговараат со нас, ние ги презентиравме нашите позиции – изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на панелот за очекувањата и предизвиците за бизносот, во организација на Делегацијата на германското стопанство во нашата земја.

Прашан дали ќе има некоја од албанските партии во нивната коалиција, Мицкоски одговори дека во моментов за тоа се мали шансите, а во коментар на денеска официјализраната коалиција меѓу СДСМ и Беса одговори „Со среќа нека им е“.

– Па, во моментов мали се шансите да има такво нешто предизборно, а постизборно рековме да почекаме да се случи најголемата победа во независна Македонија. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, „Обнова на Македонија“ со народот, а потоа доколку на политичка и проектна основа имаме какво било коалицирање со кој било политички субјект тука сме, подготвени сме да разговараме и да создадеме една коалиција – рече Мицкоски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...