Мицкоски како премиер од свој џеб ќе си ги плаќа патувањата во странство

1127

По изборите на 12 април, ако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски биде новиот премиер ќе се откаже од дневниците, односно трошоците за службените патувања дома и во странство ќе си ги плаќа од сопствен џеб, откриваат за Плусинфо од партијата. Ќе бидат редуцирани и службените картички, со кои функционерите ги покриваат службените ручеци.

Ова се само некои од сет-мерките кои доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите и формира влада, ќе ги воведе за како што велат, да се намалат непродуктивните трошоци и луксузирања на функционерите врз грбот на граѓаните.

Мицкоски вчера од 28-та годишна конференција на Унијата на млади сили на партијата најави скратување на привилегиите на функционерите. Кратењето на привилегиите, најави, ќе почне од него како премиер на државата.

– Премиерот ќе се откаже од дневниците за службени патувања. Ќе има редукција на трошењето на службените картички на министрите, замениците министри и на државните секретари за службените ручеци и други луксузи кои сега се покриваат со службените картички – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека станува збор за сет мерки, но засега не откриваат каде сѐ ќе има кастрење. Мерките ќе ги опфатат сите ешалони на функционери како директори на претпријатија државни скретари, заменици министри, министри, премиерот, претседателот на државата, но и дека нема да бидат заборавени ни пратениците, односно дека кастрење на непродуктивните трошоци ќе има и кај народните избраници.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека промените од моралниот кодекс составен од принципи и вредности, но и изборната програма која се подготвува,  ќе се почувствуваат во првите 100 дена од мандатот на новата влада.

Тој рече и дека нема да има предолго останување на функција колку и добро некој да ја врши својата работа. Како услов, во неговата идна работа како премиер, посочи оти нема да има функционер кој ќе тера бизниси паралелно.

– Ако има некој функционер кој сака и функција и да биде бизнисмен, нека заборави на тоа. Овој народ треба да има луѓе на позиции кои ќе одговараат на барањата на граѓаните, не на личните интереси – рече Мицкоски.

Тој најави дека ќе се залага за квалитет, па во таа насока и дека е спремен да постави на функција некој кој е надвор од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата. Тој ќе биде добредојден, рече лидерот на опозицијата, бидејќи тоа ќе носи бенефит за народот и за државата, но и за партијата бидејќи граѓаните тоа ќе го наградат.

Неодамна Мицкоски најави и дека, како иден премиер ќе предложи да се намали бројот на министерства.

– Ќе предложам фузионирање и кратење на определени министерства или пак, нивно раздвојување. Се надевам тоа ќе биде дел од преговорите со нашите идни коалициски партнери и ако биде прифатливо за нив, тоа ќе биде дел од коалицискиот договор – рече Мискоски.

Трошење со усул на народните пари и кастрење на бројот на министерствата, граѓаните слушаат пред секој изборен циклус.

И владата на премиерот Зоран Заев во предизборието ветуваше намалување на бројот на министерствата, но најавата остана само на ветување. Актуелната влада и натаму брои 25 министри плус премиерот Зеав, односно 5 вицепремиери, 13 министри плу 7 министри без ресор.

Промена имаше во називот на едно министерство, односно по укинувањето на Секретаријатот за рамковен договор се формира министерството за политички систем.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...