Микро светот на Заев станува негов однос кон Светот нанадвор. Па така сега гледаме она што го правеше кон опозицијата, уцени, закани и заплашувања во една ублажена форма, го применува и практикува кон нашите партнери земјите членки на Европската Унија. И затоа никако поинаку не може да се разбере неговото условување дека ако не му се прогледа низ прсти, и не и бил доделен датум за преговори ќе имало избори на кои можело да дојде радикалната десница, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото ново видео обраќање.
Ваквото однесување, според него, го покажува вистионскиот карактер на премиерот.
– Eден мал деспот среде Балканот кој и се заканува на Европа и тоа без аргументи. Второ, време е да си погледаме во очи и да си признаеме дека оваа власт не ја бива. И Европа нема да дојде само затоа што власта го смени името, туку затоа што не работи ништо за постигнување на стандарди. А од почетокот велев дека Европската Унија е пред стандарди кои мора да се постигнат. Нема ниту една реформа мерка или подобрување кое ќе го изнесе на маса и поради кои ќе ги убеди европските партнери дека заслужуваме датум за преговори. Трето, и тој самиот со оваа изјава признава дека е на стаклени нозе оваа влада и дека ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и десниот блок, која не само што не е радикален елемент туку ќе биде носител на промените и обновата на оваа земја – вели Мицкоски.
Сепак, нагласува тој, ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува одговорно, и ќе се бори земјава да добие датум за преговори, и покрај сите скандали, неработа, промашувања и измами на власта.
– И сосема на крај, во однос на емотивните изјави за двете Нобелови награди кои би ги одбил Заев во замена за датум за преговори, јас би порачал, дека јас би ги одбил сите награди на светот само Зоран Заев не биде премиер на Република Македонија, бидејќи тој е вистинската пречка за развојот на Република Македонија и среќата која граѓаните ја заслужуваат – вели првиот опозиционер.