Останува запишано дека името не го менуваат граѓаните, туку 80 пратеници обезбедени по пат на уцени и закани, изјави Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ пред Собранието каде што денеска во 16 часот се очекува да продолжи финалната фаза од уставните измени според договорот со Грција.
– Значи кај дел од пратениците имаме гласање под уцена, а не гласање по убедување и волја. И сега знам дека ќе има такви кои ќе го негираат сето тоа, но сите тука и вие медиумите, и потесната и пошироката јавност добро знаат за задкулисните игри, пазарења, уцени, притисоци и закани кои се одвиваа јавно – додаде лидерот на опозициската партија.
Во контекст на притисоците врз пратениците, тој го спомена и помилувањето на дел од учесниците во крвавиот четврток.
– И што значеше процесот на селективно помирување на Зоран Заев, и селективните промени на Кривичниот Законик, и притворите и сето останато. На тоа сме сведоци веќе една година, а финалето започнува со денешната седница. И сега ќе прашам јасно и гласно, европски ли се тоа вредности? Одговорот го знаеме сите, секако дека не се. Сите оние кои се залажуваат дека на овој начин ќе дојдеме до Европска Македонија, грешат. Вака стануваме се подалеку, затоа што Европа е пред се вредности, принципи, какви владејачкото мнозинство ги крши на дневна основа. Стануваме поделено и разединето општество – рече Мицкоски.