Мицкоски: Министрите не беа кај Пендаровски зашто си ги екипираа кабинетите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека имаат сериозни индиции за злоупотреба и прекршување на законите и овластувањата во последните денови од мандатот на Зоран Заев и дека сето тоа ќе биде презентирано и изнесено пред јавноста.

2337

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од новите технички министри очекува жилава, тврдокорна и напорна работа исклучиво според законите, да ги заштитуваат законите и уставот, и во рамки на нивните можности и овластувања да направат нешто за граѓаните во следните сто дена.

Тој денеска на прес-конференција во партиското седиште рече дека имаат сериозни индиции за злоупотреба и прекршување на законите и овластувањата во последните денови од мандатот на Зоран Заев и дека сето тоа ќе биде презентирано и изнесено пред јавноста.

– Очекувам работа исклучиво според законите. Да ги заштитуваат законите, да го заштитуваат Уставот на Македонија. Се разбира во рамки на нивните можности и овластувања во овие сто дена да направат нешто за граѓаните. Жилава, тврдокорна и напорна работа во овие сто дена, а потоа по победата на 12 април и новата влада на ВМРО-ДПМНЕ очекуваме силно да нагазиме и Македонија да ја направиме држава со која сите ќе се гордееме, а не да се срамиме -истакна Мицкоски.

Прашан зошто двајцата министри од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев и Рашела Мизрахи не присуствувале на приемот кај претседателот Стево Пендаровски, Мицкоски рече дека нема вообичаена пракса министрите да присуствуваат и дека претпоставува дека тие одлучиле да се посветат на екипирање на нивните кабинети.

– Нема вообичаена пракса министрите после нивниот избор во рамки на Парламентот да одат на гости кај Пендаровски. Претпоставувам водени од таа невообичаена пракса тие одлучиле да се посветат на екипирање на нивните кабинети, правејќи план за нивните работни активности во периодот што следува во следните 100 дена – рече Мицкоски.

Во однос на обвинувањето од СДСМ за лицемерие и лажен патриотизам дека немаат проблем со новото име Северна Македонија кога се работи за функциите, Мицкоски рече дека не видел никаде на прес-конференција тие да ја употребуваат новата придавка.

– Ние би биле лицемерни ако ја игнорираме оваа реалност. Но, ова е првиот чекор кон тоа да ја поразиме оваа реалност и во иднина макотрпно да работиме да ја промениме таа реалност. Ако мислите дека ние ќе ја игнорираме таа реалност, тогаш би биле лицемерни, како што тоа го прават перјаниците на СДСМ во последно време, каде што до вчера устата им беше полна со новата придавка, а денеска на нивните фејсбук профили осамнува само Македонија. Тоа е лицемерие, не тоа што ние го правиме, каде се трудиме од петни жили да го поразиме овој трул систем и за жал оваа реалност што не можеме да ја игнорираме – рече Мицкоски.

Прашан дали со формирањето на техничката Влада се исполнети сите услови за одржување на избори или остава простор за одложување на изборите, Мицкоски рече дека не остава простор овие избори да може да бидат одложении, но посочи дека фер и демократскиот процес ги загрозува институционалното насилие изминатите неколку недели во кои се носеле незаконски решенија за прераспределби, именување и систематизации.

– Ние сме се уште партија со блокиран имот. Нелегално и незаконски замрзнат имот, што практично не е на располагање да можеме како политичка партија да функционираме и обезбедиме начин да отидеме на избори. Но, и вака како што сме, многу сме повеќе мотивирани и сакаме да го оставиме срцето на терен, затоа што знаеме дека овојпат главниот влог е Македонија. Ќе ги поразиме, а потоа ќе видите што значи фер и вистинско демократско општество, а не општество со лажливи и корумпирани криминални вредности – изјави Мицкоски.

Прашан што доколку кривичната пријава против заменик – министерот за земјоделство Цветан Трипуновски помине во обвинение, Мицкоски рече дека не видел на никого да му пречи и да праша што три години сме имале аболиран премиер.

– Да почекаме институциите да си го завршат тоа што треба да го завршат, потоа да коментираме – рече Мицкоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...