Мицкоски: Зоран Заев продал земјиште кое завршило во рацете на Вице Заев

Мицкоски апелира до Јавното обвинителство да го испита случајот.

991

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска го обвини премиерот Зоран Заев дека кога бил градоначалник продал земјиште кое завршило во рацете не неговиот брат Вице Заев.

– Премиерот, тогаш градоначалник на Струмица Зоран Заев користејќи ја својата функција, отуѓува, поточно продава државно земјиште, кое по повеќе постапки завршува во рацете на неговиот брат Вице Заев, чија компанија денес таму гради згради со цел енормно зголемување на личното богатство – рече Мицкоски.

Според него, на 29.12.2014 година одржано е јавно наддавање за отуѓување на градежно земјиште во општина Струмица, а на аукцијата се јавил само еден понудувач, Сашко Брндевски, од Струмица, бизнис партнер во една од компаниите на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев.

На лицитацијата била постигната цена од 2.300 денари за м2, а парцелата со намена за изградба на објект за колективно домување била со вкупна површина од 18.462 м2.

– Општина Струмица одобрила на продадената локација да се градат осум нови седумкатници, со вкупна бруто изградена површина од 52.850 м2. Во февруари 2016 година, Зоран Заев на Сашко Брндевски му издава одобрение за градење за изградба на станбена зграда бр. 8. Истиот месец во 2016 година, Брндевски склучува договор за пренесување на право на градење на предметната парцела со правните лица ТОТАЛ ИНЖЕНЕРИНГ – сопственост на Вице Заев и АД Пелагонија Струмица во чиј управен одбор во тоа време пак е братучедот на Заев, Трајче Заев – тврди Мицкоски.

Според него, како надоместок за тоа што им отстапил право на градење, лицето Сашко Брндевски добило стан од 40 м2.

– Ова отвора сомнеж дека бизнис партнерот на Заеви е само параванот, а потоа јасно се гледа дека зградите се градат токму од компанијата на братот на премиерот Зоран, Заев, Вице Заев. Во месец март 2016 година, Зоран Заев носи решение за промена на инвеститор, каде што наместо Сашко Брндевски, нови инвеститори на станбената зграда се двете наведени фирми. Ова е случај каде Зоран Заев продал земјиште на кое денес таму гради братот Вице Заев. Таму се градат згради а личните заработки се огромни и се бројат во милиони евра – додава Мицкоски.

Тој прашува како токму братот и братучедот на премиерот ја добиле дозволата да градат на тоа место, дали ги искористиле повластувањата на функцијата на Зоран Заев како тогашен градоначалник на Струмица, дали тоа е конфликт на интереси и апелира до Јавното обвинителство да го испита случајот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...