Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања денеска го коментираше вчерашното сведочење на експремиерот Зоран Заев во случајот „Монструм“. Тој посочи дека лидерот на СДСМ цели пет години ги лажел семејствата на жртвите, а како што додаде, најмалку што можел да стори Заев е да се извини.
– Цели пет години обвинуваше луѓе дека се вклучени во монструозни настани и пет години лажеше луѓе дека ќе им помогне, а вчера во еден ден сето тоа се распрсна и
најмалку што очекуваше јавноста од поранешен премиер и политичар со голема одговорност е да се извини. Да речеше „се извинувам сум погрешил, тоа што сум го
слушал воајерски не сум го слушал, тоа што сум го зборувал ете не сум ја говорел вистината“, најмалку што требаше да направи е да им се извини на семејствата на тие луѓе што ги злоупотребувал, на тие личности што ги споменувал изминативе години само за да се догребе до функција. И ние за што зборуваме, за каков пример зборуваме? Па тоа е директно пoдбивање со системот да прави селфи со луѓето коишто ги ослободи, а кои беа обвинети за масакрот што го извршија врз тие невини деца. Не ја говореше вистината за Младенов, не ја говореше вистината за Нешковски, не ја говореше вистината за Смилковско, злоупотребуваше човечки судбини, си играше со човечки судбини, најмалку што можеше вчера да направи е да се извини. Најмалку што можеше – изјави Мицкоски.