Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција рече дека партијата има сознание дека премиерот Зоран Заев, како неформален министер за финансии, намерно не ги троши сите пари за капитални инвестиции за потоа со оние кои ќе останат директно да ги префрлува како трансфери до граѓаните, односно гласачите.
– Капиталните расходи по половина година се само дваесетина проценти. Ќе недостасуваат некаде околу 200 милиони евра коишто биле
потребни и коишто биле планирани за капитални инвестиции. Вистинското прашање е каде ќе отидат тие пари? Тие пари ќе отидат преку трансфери во обидот на Зоран Заев да ги затскрие ненародните криминални политики кои ги води неговата Влада и да месеци пред избори се обиде да игра на картата на кратко помнење кај граѓаните и истите тие да ги корумпира преку таков тип на трансфери – рече Мицкоски.
Тој вели дека овие пари не се инвестираат туку се чуваат за да им се дадат директно на потенцијалните гласачи и дека опозицијата тоа нема да го дозволи.
За предвремени избори Мицкоски рече дека понудиле два датуми, или на почетокот на април, почитувајќи ги Велигденските празници, или до крајот на мај, имајќи го предвид празникот Рамазан.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека на средбите меѓу работните групи од власта и опозицијата, се забележува чувство на одмазда и атак кон ВМРО-ДПМНЕ, но е оптимист и очекува да се постигне договор за Законот за јавно обвинителство.
Мицкоски со сопругата и со двата сина од утре ќе замине на одмор во Хрватска.