Мицкоски е во афект, вината за своите грешки ја бара кај Мијалков

„Гневот и лутината се лош сојузник. Христијан Мицкоски направи неколку катастрофални грешки овие денови, а со исклучувањето на пратениците кои гласаа за отворање на процесот на промени на Уставот, тој ја води партијата во уште поголема изолација. Наместо да се опседнува со митот за Мијалков, подобро е да се ослободи од Протоѓер и да размисли за сопствените грешки“, вели извор добро упатен во приликите во ВМРО-ДПМНЕ.

21171

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е во афект и бара виновник за неуспехот да ја задржи монолитноста на пратеничката група и да ги спречи осумте пратеници да гласаат за почеток на процесот за уставни промени, со кои треба да се имплементира Договорот од Преспа. На врвот на листата на лажни виновници, според некои медиуми, е Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК.

Портал близок до Мицкоски тврди дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Мицкоски, се подготвува официјално да го исклучи од членство Мијалков. Порталот наводно побарал официјален став од Мицкоски, но добил коментар дека партијата нема да се огласи за тоа прашање.

Мицкоски изгледа е опседнат со приказната за поврзаност на Мијалков со осумте пратеници кои гласаа „за“ по предложените точки за уставните измени и за неговата наводна улога во обезбедување на мнозинството. Извор на Плусинфо од врвот на партијата вели дека за Мицкоски е подобро да се ослободи од опсесијата со Мијалков, бидејќи таа ништо нема добро да му донесе.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ веќе прогласи осум пратеници за предавници на „каузата“, не можејќи да разбере дека има луѓе кои се одговорни кон иднината на земјата. Тие луѓе побараа и добија гаранции за дополнителни промени во амандманите со кои ќе се зацврсти македонскиот идентитет. Мицкоски можеше да преговара за истото, но тој избра да му се спротивстави на Вашингтон. Ќе биде тажно за него и самоубиствено ако се обиде и од Мијалков да направи „предавник“. Како што тргнал, на крајот ќе го исклучи сите пратеници и соработници. Наместо тоа, подобро е Мицкоски да се подзамисли за сопствената улога и вина поради која процесите за раководството на ВМРО-ДПМНЕ тргнаа во непожелна насока – тврди нашиот извор, добро упатен во приликите во штабот на најголемата опозициска партија.

Ботовите на социјалните мрежи и неколку портали почнаа медиумска кампања и против Сашо Мијалков, како и против пратениците кои му откажаа послушност на Мицкоски. Кампањата се води од лажни и од реални профили на Фејсбук, како и од страниците од каде се водеше кампањата за бојкот на референдумот. Од старите раководители на ВМРО-ДМНЕ, Мицкоски наводно комуницира само со Мартин Протоѓер, иако упатените велат дека овие потези не се „ракописот“ на Протоѓер и дека Мицкоски дејствува сам со својата група поддржувачи.

– Доколку продолжи вака, Мицкоски ќе мора да се соочи со фактот дека наскоро неговата улога во ВМРО-ДПМНЕ ќе биде оценета како предавничка. И тоа со право. Со последниот потег на осумте пратеници партијата останува во евроатлантскиот процес, а исклучувајќи ги разумните членови од партијата, Мицкоски си прави лоша услуга, бидејќи од ден на ден создава сѐ помоќно евроатлантстко крило. Тоа крило, всушност, ја спасува партијата од колапс. Но, што и да прави, факт е дека тој го пропушти моментот да ги повлече вистинските потези и сега ќе се соочи со огромна меѓународна и домашна поддршка за одговорните пратеници од неговата партија, чиј број ќе се зголеми, како и со негова лична изолација, која почна од оној момент кога тој испрати безобразен и несериозен одговор на писмото на американскиот дипломат Мичел – анализира нашиот соговорник.

Изворот на Плусинфо вели дека не треба да се потценува влијанието на Мијалков во ВМРО-ДПМНЕ, но ниту да се прават митови за неговата наводна тајна мисија за формирањето на двотретинското парламентарно мнозинство.

– Не одат тие работи така како што замислува Мицкоски. Македонија сепак е мала земја и лесно се дознава кој што работи и за што се залага. Одговорните пратеници ги отфрлаат приказните дека нивните гласови биле добиени со притисоци и со поткуп. Никој не треба да си прави филмови во главата и врз основа на тие филмови, да донесува одлуки поради кои подоцна ќе настрада. Ние еднаш видовме дека таа работа може да доведе до своевидно политичко лудило, од кое човек тешко може да се извлече. Мицкоски носи одлуки во афект, а гневот и лутината се лош сојузник во вакви прилики – вели нашиот соговорник.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...