Мицкоски до Орбан: Македонија да не биде заложник на криминалната власт на Заев, барам датум за преговори

727

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го информираше Унгарскиот премиер Виктор Орбан за загрижувачката економска и политичка состојба, како и високиот степен на криминализираност на општеството која поминува неказнето и со отсуство на волја на македонската влада да влезе во отворена битка против корупцијата. Мицкоски на средбата посочи дека нема друг таков пример каков што е случајот со Заев каде премиерот се фали со остварено влијание и диктирањето на одлуки на Врховниот суд и обвинителството  и без притоа да има било каков правен епилог, ниту разрешница за ваквиот скандал, соопшти партијата за средбата меѓу Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски со Орбан денеска во Будимпешта.

Со оглед на фактот што актуелниот комесар за проширување и добрососедска политика Оливер Вархелиј доаѓа токму од партијата на Орбан, главна тема на разговорот беше инсистирањето и лобирањето на Мицкоски Македонија да добие датум за преговори со Европската Унија.

– Граѓаните и државата не смеат да бидат заложници на погрешните и погубни политики на Зоран Заев и неговата влада, нема повеќе време за губење и е потребно да се даде датум за преговори, при што ВМРО-ДПМНЕ гарантира сериозен план по изборите за имплементација на мерки и реформи кои државата ќе ја стават на брза трака на патот кон Европската Унија, а воедно ќе се надополни изгубеното време – посочи на средбата Мицкоски.

Мицкоски побара од Орбан како член на Европскиот Совет да се заложи во убедувањето на другите шефови на влади на земјите членки на Унијата да и овозможат на Македонија датум за отпочнување на преговори. На средбата Мицкоски истакна дека сега лобира за датум за преговори, а по датумот ветува силен капацитет на спроведување на реформи кои ќе ја остварат европската перспектива на државата.

На средбата Мицкоски ја пренесе и загриженоста поради сериозниот атак кој го прави власта врз слободата на медиуми и ја органичува слободата на говор и спротивно мислење. Пресметката со неистомислениците говори за нискиот степен на демократски капацитет и стравот кај власта од престојниот пораз на изборите.

Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е отворена за градење на мостови на соработка со Република Унгарија, со сите држави во Европската Унија и пошироко со цел остварување на заедничките државни и национални интереси.

Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ за време на еднодневната посета на Унгарија чија единствена агенда беше средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан изрази подготвеност за продлабочена соработка и развој на меѓусебните односи.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...