Мицкоски до Заев: Да донесеме резолуција за заштита на македонскиот јазик

238

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика премиерот Зоран Заев во Собранието да донесат заедничка резолуција за заштита и потврдување на посебноста и автенткчноста на македонскиот јазик.

– Ја следам онаа дебата каде Зоран Заев со полуплашлив тон ќе каже дека допрва ќе одлучуваат, како да одлучат за да ја демантираат одлуката на БАНУ. На ова ќе потсетам претходеше и резолуција во бугарскиот Парламент со која се спореше македонскиот јазик. Сето ова остана незабележано и без реакција на македонската држава. Впрочем, вината не треба да се бара во соседите, тие лошо би се бореле за своите интереси ако не искористат ваква катастрофална пластелин политика на нашата влада, каде основата на се е виткањето на кичмата. Арно, но таквото виткање цели три години наместо гигантски чекори напред, какви што ветуваа, ни испорачува гигантски тресок на дното. За само три години, речиси и да нема сегмент од темелите на Македонија кој Заев и оваа влада не започна да го разјадува и доведува во прашање. Не е до соседите, до Заев е – вели Мицкоски.

Тој потсетува дека пред два месеци дал иницијатива, и сега ќе ја реактуелизира Собранието да донесе резолуција за заштита на македонскиот јазик.

– Во Собрание да донесеме заедничка резолуција по пат на консензус за заштита и потврдување на посебноста и автенткчноста на македонскиот јазик. Впрочем, таквата резолуција нема да значи никаква претензија, туку потврда за нашето и испраќање на политичка порака дека како држава сепак имаме кичма и свој јазик различен од сите други, по кои се препознаваме и разликуваме од останатите. За ваквата резолуција е добро да се изјасни и Зоран Заев, и се надевам дека овој пат нема да се двоуми и молчи како што тоа го прави за предлогот за ограничување на амнестијата, испитување на имот на политичарите, кандидат мандатар и измени на Законот за јазици во склад со Венецијанската Комисија и Уставот. Се надевам дека барем малку ќе се издигне над дневната политика и ќе се стави на страната на националните интереси – рече Мицкоски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...