Мицкоски до Дорис Пак: Високата корупција во власта ја загрозува македонската европерспектива

197

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски денеска остварија средба со претседателката на Асоцијацијата на жени во Европската народна партија, Дорис Пак и Јоханес Реј, директор на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија.

На средбата се разговараше за актуелните политички случувања во Македонија, претстојните предвремени парламентарни избори и соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Европската народна партија како и со Фондацијата Кондрад Аденауер.

Мицкоски истакна дека во Македонија постои голем проблем со високата корупција, проблем за кој оваа власт не нуди решение. Напротив голем број високи партиски и државни функционери од актуелната власт на СДСМ се вмешани во корупциски скандали за кои до ден денес нема правен епилог. На овој начин власта ја загрозува македонската европска перспектива и дава аргумент повеќе на противниците на проширувањето на Европската Унија во Брисел.

На средбата се разговараше и за предвремените парламентарни избори во Македонија и размена на знаење и искуства на ВМРО-ДПМНЕ со Фондацијата Конрад Аденауер во пресрет на истите.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека за ВМРО-ДПМНЕ и Република Македонија стратешка цел и определба е членството во Европската Унија.

Соговорниците се согласија дека одличната соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и сестринските партии од Европската народна партија како и со Фондацијата Конрад Аденауер и натаму треба да се продлабочува.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...