Договорот за менување на името е штетен и треба да се отфрли. Тој е против македонските национални интереси, против македонската држава. Тој е „диво месо“ вметнато во здрав организам што не гуши и допрва ќе не влече надолу ако не се спротиставиме, истакна лидерот на ВМРО-ДМПНЕ Христијан Мицкоски во обраќањето пред учесниците на протестниот марш што опозициската партија го организираше денеска во Охрид.
Партискиот лидер пред симпатизерите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ потсети на некои историски моменти, во кои меѓународната заедница ветувала подобра иднина за земјата преку прифаќање отстапки како привремената референца, менувањето на знамето, Уставот, Рамковниот договор, територијалната реорганизација.
– Прифативме се што бараа од нас, и во 90-те, и во 2001 и во 2004. Сега да се одважиме, да го промениме пристапот и ова што денеска ни се нуди да не го прифаќаме, затоа што е против нашите интереси, против она што ни го оставија нашите предци. Затоа што тоа е договор за промена на нас самите – рече, меѓу другото, Мицкоски.
Тој уште испрати предупредување до граѓаните на земјата дека доколку помине ова што сега се нуди, како што рече, „со прифатениот договор се губи националниот идентитет и воедно се дава сопирачка во рацете на Грција да го блокира европскиот пат на Македонија кога сака и како сака“.
– И доколку ова помине, години потоа ќе дојде момент кога Грција повторно ќе поставува нови услови, а ние тогаш ќе бидеме со сменет идентитет, историја и образование. Ако со референдумот се даде зелено светло на договорот со Грција, практично се вклучува црвено светло за референдумот од 1991 година – рече Мицкоски притоа укажувајќи на нивната содржинска спротивност, дека првиот бил за создавање самостојна, независна, суверена Македонија, а овој за спротивното – промена на името, идентитетот и губење на Македонија каква што е изгласана во 1991 година.
Опозицискиот лидер ги посочи законските одредби според кои за успешност на престојниот референдум е потребна излезност од повеќе од 900 илјади гласачи од кои половината да го поддржат договорот, а упати и сериозни критики кон актуелната власт предводена од премиерот Зоран Заев.