На средбата зборувавме за обезбедување на фер и демократски претседателски избори и за реформските закони од агендата за добивање на преговори за пристапување кон ЕУ, изјави вечерва Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по двоиполчасовната средба со премиерот Зоран Заев, која се одржа во Владата.
Тој средбата ја оцени како корисна затоа што, како што рече, договорено е веќе од утре да почнат да работат на усогласување на предлогот на законот за СЈО и на останатите реформски закони.
– Првиот дел е обезбедување на услови за одржување на фер претседателски избори и вториот дел е за реформските закони, оние кои се дел од реформската агенда за конечно Македонија да добие датум за почнување на преговори со ЕУ. Македонија мора да продолжи да се движи во вистинска насока. Имаме чувство на политички прогон, мислам дека беше корисна оваа средбата за релаксирање на политичките околности во државата – истакна Мицкоски.
Во вториот дел, како што рече лидерот на најголемата опозициска партија, на лидерската средба се разговарало за реформските закони и за законот за ЈО.
– Ги изнесовме нашите ставови. За нас е значајно тоа што овој специјален јавен обвинител и нејзиниот тим го изгубија кредибилитетот за да ја добие нашата поддршка во иднина. Принципиелно интегрирање на СЈО во ЈО може да го дискутираме, но она кое што се вели право и обврски на идното ЈО и сите делови кои ќе произлезат од новиот закон за ЈО треба да бидат предмет на преговори на политичките партии – рече Мицкоски по средбата со Заев.
Тој нагласи дека повторно пред премиерот го изнел барањето за јавен обвинител на предлог на опозицијата.