Да почекаме времето да помине, конечно да се охрабрат од Владата, да се охрабри Зоран Заев да се соочи со овие луѓе кои што ги лажеше во 2016 и 2017 година, да распише предвремени парламентарни избори па да дознае дали блескаме или ќе го блесне него еден огромен пораз на следните предвремени парламентарни избори, порача опозицискиот лидер Христијан Мицкоски по средба со земјоделци во Кочани.
– Состојбата во Кочани и кочанско во делот на производството на оризот е навистина алармантна и јас би рекол повеќе катаклизмична споредена со она што беше во минатото. Луѓето се навистина резигнирани и разочарани од реалноста, од условите, од она што денеска како оризопроизводители мораат да го истрпат. И со сите оние проблеми со кои што се соочуваат, изневерените очекувања, злоупотребата на нивната доверба за време на изборните циклуси во минатото посебно за време на предвремените парламентарни избори во 2016-тата. Потоа за време на локалните избори во 2017-тата кога се ветувани многу работи за оризопроизводителите, а во суштина до ден денеска ништо не е исполнето – додаде Мицкоски.