Мицкоски: Да бидеме на јасно закон со кој што ќе се амнестира криминал ниту преговарам, ниту пак прифаќам

696

Очигледен е очајничкиот потег на предлагачот да ги озакони незаконските постапки на актуелниот републички јавен обвинител кој незаконски, но фактички ги внесе овие постапки во делокругот на работата на јавното обвинителство. И со овој закон практично во тек на постапка се сака да се озакони она кое што незаконски беше направено односно преносот на процесите од СЈО во редовното ЈО. Да бидеме на јасно закон со кој што ќе се амнестира криминал ниту преговарам, ниту пак прифаќам, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција за новиот предлог закон за јавното обвинителство и додаде дека ова не е закон кој треба да донесе правда, туку закон со кој се сака да се заштити хибридниот режим на Заев.

Според него, последен кој има интерес за квалитетно законско решение е Заев бидејќи носењето на квалитетно законско решение би значело решение по кое Зоран Заев и неговата екипа ќе треба да одговараат и да се докажуваат низ една транспарентна и законита постапка за сите обвинувања за криминал и афери. Т

– И затоа се толку силно фокусирани кон опструкции, кон кочења на носење на квалитетно законско решение, но и наметнување на предлог закон кој ќе гарантира своевидна амнестија на криминалот на власта преку целосна контрола врз обвинителството. Зоран Заев е свесен дека нова аболиција како онаа во „Глобал“ не би поминала, и затоа сега е насочен кон решение кое ќе обезбеди заштита на криминалот преку контролираното од него обвинителство. Впрочем хибридниот режим на Заев сега сака закон за обвинителство за амнестија на криминалот и неправдите – рече Мицкоски.

Дел од членовите во новиот предложен закон за јавно обвинителство се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи во неколку наврати се крши Уставот и Обвинителството го става под контрола на власта.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека при анализата на Предлог законот партијата консултирала повеќе правни експерти кои, како што кажа, се подготвени да ги бранат забелешките.

Повторно предлагаат, рече Мицкоски, формирање на посебно обвинителство со енормно високи плати и додатоци на посебна каста на привилегирани обвинители, а на штетата на обвинителите во редовното обвинителство.

– Предлагаат закон кој што е антиуставен и во спротивност со кривичното право. Со законот се наметнува обврска на Советот на јавните обвинители да ги префрли обвинителите од СЈО во рамките на новото обвинителство за организиран криминал, што е противуставно и противзаконски – рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

Мицкоски во неколку точки ги образложи, како што кажа, дел од забелешките.

– Начелото на единственост на јавното обвинителство, утврдено во Уставот, не дозволува основање и укинување на „други паралелни обвинителства“ како што предлага СДСМ. Оттука, членот 24 за формирање на такви обвинителства е противуставен – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, член 26, став 2 не води сметка за уставното начело на двостепеност во заштитата на правата на јавните обвинители.

– Став 5 од членот 26 доведува до нееднаков третман на јавните обвинители. Не се јасни причините зошто Јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не можат да бидат упатени во друго јавно обвинителство – рече тој.

Како што кажа, ставот 2 го крши принципот на хиерархија кога вели дека Јавното обвинителство без согласност на ЈО при ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција не може да преземе кривично гонење или вршење на одделни работи за кои е надлежно ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција или да овласти друго ЈО. Со овој став, додаде Мицкоски, повторно се прави паралелизам во ЈО слично на она како што беше со СЈО.

– Изборот на јавен обвинител го врши Собранието како политички орган по предлог на Владата и по прибавено позитивно мислење на Советот на јавни обвинители, па според тоа изборот е политичка проценка и одлука на одредено мнозинство во Собранието. Лицето кое би било предложено треба да е од поширока компетентната правна фела, а за таква треба да се вклучи и научната и стручната универзитетска фела, од редот на редовните професори по право кои се избрани на предмети од правосудна област. Тоа во текот на минатогодишната рунда на преговори односно минато месечните рунди на преговори веќе беше договорено, но повторно се враќаат на почетната позиција – тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Со решенијата на членовите 63 и 64, според него, пренагласена е улогата на Советот на јавните обвинители во селекцијата на предложените кандидати преку т.н. претходно позитивно мислење за одреден кандидат за истиот биде предложен од Владата.

– Односно тоа како би изгледало во пракса, Заев би нарачал, а Јовески би испорачал. Терминот „мислење“ нема правно обврзувачка сила. Од решенијата, произлегува дека без претходно позитивно мислење, владата нема да може да предложи кандидат и огласите да се повторуваат до бесконечност, што претставува правна замка од која нема да може да се избере нов Републички обвинител од страна на новото Собрание – смета Мицкоски.

– Со решението кое СДСМ го предлага доаѓа до неможност новата Влада да предложи, а новото парламентарно мнозинство да го разреши републичкиот јавен обвинител односно постојните политизирани и компромитирани решенија да бидат зацементирани во иднина – рече Мицкоски.

Тој зборуваше и за платите на односно дека согласно член 102 јавниот обвинител од основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е привилегиран, „односно неговата плата е за 5 отсто помала од платата на државниот јавен обвинител, а платата на другите јавни обвинители е како онаа на јавен обвинител на вишото јавно обвинителство“.

Дополнително, членот 103 остава простор за продолжување на лошата пракса да се доделуваат додатоци, вели Мицкоски, посочувајќи на опасноста да се повтори она што се случуваше во СЈО.

– Членовите во преодните и завршните одредби се противуставни и се во директна колизија со законот за кривична постапка од причина што тој закон не го познава незаконското следење на комуникациите, а уште помалку т.н. кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, па оттука невозможно е обвинителството да ги интегрира тие дела во делокругот на својот прогон, -рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека со овој закон практично треба да се озаконат процеси што веќе се во тек бидејќ предметите на СЈО се во државното обвинителство и по нив се работи.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...