Не беше далечна таа 2001 година кога мајки губеа свои деца и верувам дека заштитата на НАТО ја гарантира безбедноста во земјава, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на дебатната емисија со Христијан Мицкоски.
– Конечно најдовме решенија кои ја внесоа земјава во семејството на Алијансата. Ние сме признаени од целиот свет и имаме своја перспектива. Со решавањето на билатералните проблеми сега сме држава со пријатели. За жал, опозицијата немаше храброст да се вклучи во процесот иако на крајот гласаше за членство на Северна Македонија во НАТО. Иако сите македонски граѓани аплаудираа, сепак опозицијата немаше сили да аплаудира. Граѓаните го препознаваат тој цинизам – рече Заев.
Тој го спомна и разрешувањето на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, а како што рече, никој во државава не смее да не го почитува Уставот.
Мицкоски одговори дека никаде во Договорот од Преспа не е наведено како треба да се нарекува државава.
– Каде во Договорот од Преспа стои дека ние треба да ја нарекуваме земјава со новото име? Тоа што ја разрешија министерката Мизрахи беше провокација, но ние изреагиравме достоинствено. Господинот Никола Димитров рече дека земјава добила вербална нота од Грција. Дали и вие испративте нота до Атина поради тоа што нашиот јужен сосед не го почитува Преспанскиот договор? – рече Мицкоски.