Зоран Заев од СДСМ, Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети од ДУИ и Билал Касами од тетовското крило на БЕСА, се четворицата лидери кои денеска седнаа на лидерската средба во потесен состав.
Тие, како што веќе објавивме, се придружувани со уште еден претставник од партиите. Во пресрет на средбата, беше неизвесно дали како претставник на албанската опозиција ќе се појави Касами или лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села.
Вчера пред Мицкоски да ја напушти средбата барајќи нова во помал состав, како денешниот, пред Заев и другите лидери нагласил дека како претставник на втората опозициска партија очекува да биде повикан Села, дознава Плусинфо од учесници на вчерашната лидерска средба.
Меѓутоа, како што објавивме, вчера по завршувањето на лидерска средба Касами интервенирал и му укажал на премиерот дека претставник на лидерската во формат од претставници на четири партии, треба да седне тој бидејќи веќе воспоставениот принцип за учество на лидерска не се повикува на бројот на пратеници туку на бројот на освоени гласови на последните парламентарни избори.
Со ваквата негова математика тој е лидер на најголемата опозициска партија од албанскиот блок не земајќи го предвид подоцнежниот расколот во Беса. Затоа Касами уште вчера нагласил дека очекува тој, а не Села, да дојде на денешната лидерска. Со неговата теза се согласил и Али Ахмети. За потсетување, БЕСА имаше 5 пратеници, а по поделбата на две крила, Касами остана со два во опозиција, а Африм Гаши кој го предводи скопското крило со три пратеници влезе во власта.