Наместо премиерот да си ја потпевнува на митинзи „Stranger in the night“, време е да ја научи „Wind of change“, а поради ова и сѐ друго лошо што ѝ приредија на Македонија оваа песна ќе му ја испее народот на 21 април и на 5 мај оваа година.
Ова го напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на својот профил на Фејсбук одговарајќи му на премиерот Зоран Заев, кој вчера од говорница рече дека Мицкоски и канидадатката за претседател Гордана Силјановска Давкова „како странци во ноќта се изгубени до крај“.
– И додека премиерот Заев вели дека блескаме во Светот, Светска банка го вели спротивното. Наспроти разубавената реалност која Владата ја продава преку владината машинерија, вистинската вистина говори дека Македонија се наоѓа на последното место во Европа по иднексот за глобален развој на Светска банка каде се разработува индексот за човечкиот капитал (HCI). Македонија е на 88-то место, позади Косово кое е на 80-та позиција, Црна Гора на 59, Босна и Херцеговина на 58, Албанија на 56, Бугарија на 44, Хрватска на 36-то место, а Србија е на 27-мо место. Веднаш до Македонија е Никарагва, Кенија, Панама и Таџикистан. А подобри од нашата земја се Шри Ланка, Еквадор и Оман. Со оваа анализа се мери колку земјите губат од економската продуктивност поради недоволното вложување во своите луѓе. Индексот на човечкиот капитал, покажува дека дете родено во Македонија денес ќе достигне 53 проценти од својот потенцијален човечки капитал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и биде потполно здраво – напиша Мицкоски.