Мицкоски во Собрание на средба со Ахмети, во влада со Заев

556

Средбата помеѓу лидерите на владеачката ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски ќе се одржи во сабота во Собранието во 16 часот, потврди за Плусинфо функционер од ДУИ. По ова опозицискиот лидер ќе оди на средба со премиерот Зоран Заев во Владата.

Од партијата велат дека средбата е за формирањето на техничката влада и дека е законска обврска. Од ДУИ велат дека Ахмети освен за техничката влада нема да отвори друга тема со Мицкоски.

По средбата со Ахмети, Мицкоски оди во владата на средба со Заев, која е закажана за 17 часот. И средбата помеѓу премиерот и опозицискиот лидер е за консултации за техничката влада.

Согласно законот, опозицијата мора да дојде на консултација за предлогот за министер за внатрешни работи и тој да биде прифатен од власта (двете најголеми партии).

На лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, беше договорено на 12 април да се одржат предвремени парламентрани избори. Согласно процедурата, на 90 дена пред изборите треба да се формира техничката влада или во случајов тоа треба да се случи на 3 јануари.

Премиерот Заев во синоќешното интервју на ТВ „Алсат-М“ изјави дека во 2020 година ќе има избори, но дали тие ќе се одржат на 12 април ќе зависи од пристапот на опозицијата кон Собранието.

Заев и претходно изјави дека изборите може да бидат одложени сè додека опозицијата во Парламентот ги блокира законите од кои зависат платите, пензиите и инвестициите.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска информира дека владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнала договор да бидат усвоени сите законски предлози од 123. собраниска седница, кои се врзани со примена од 1 јануари.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...