ВМРО, ВМРО е темелот на Илинден, составен дел од таа борба за слобода. И затоа ВМРО му припаѓа на Македонецот. Тоа е неговиот сопатник и пријател низ времето. Вториот Илинден е само продолжение на тоа каде се стигнало со првиот. Партизаните кои го носат пламенот на слободољубието наследен од Илинденците конечно победуваат и ја плаќаат високата цена за денешната слобода. Во таа борба подеднакво се големи сите титани кои се нашите македонски апостоли на кои имаме и историско и културно право да се повикуваме, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој на денешниот празник се обрати од село Ташмаруниште, Струга.
Претседателот на опозициската партија рече дека Гоце Делчев бил идеиолог на борбата за слобода, но ги спомена и Даме Груев, Татарчев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Методиј Патчев, се до Ченто, Пирузе, Панко, Апостолски.
Сите, посочи Мицкоски, се македонски синови од кои не смееме и немаме ниту историско право да се одречеме ниту да го посрамотиме нивното дело.