| Вести денес: 0

Мицкоски ветува 4 клинички центри и укинување на рецептите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се обврза дека ако победат на изборите, ќе обезбедат за 20 отсто повисоки плати во здравството за сите, линеарно во еден четиригодишен мандат.

957

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција презентираше дел од мерките кои ги планира за обнова на македонското здравство, истакнувајќи дека ова е една од најранливите области во македонското општество која 29 години е предмет на експериментирање и неконзистентни политики, место на неуспеси и незадоволни граѓани.

– Се обврзуваме на обнова која ќе значи изградба на капитален проект за воспоставување на национална мрежа на 4 нови клинички центришто ќе подразбира нов квалитет во македонското здравство. За првпат досега интегриран систем од 4 клинички центри и тоа: Клиничкиот центар „Мајка Тереза“; Универзитетскиот клинички центар „8 септември“, кој што планираме да го трансформираме во клинички центар кој е планирано да работи под административна капа на „Мајка Тереза“ и воспоставување на Универзитетски клинички болници во Штип и во Тетово – рече Мицкоски.

Тој најави и реконструкција на болниците во Велес, Кичево, Струмица, Струга и во Битола, како и реконструкција и модернизација на Градската болница во Скопје.

– Се обврзуваме на обнова која ќе значи воспоставување на модерен вистински ургентен траума центар. Поради растот на популацијата во Скопје и драстично зголемениот број на сообраќајни повреди и потребата од брзо, благовремено и адекватно реагирање, предвидуваме нов модерен ургентен траума центар – истакна првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски се обврза дека ако победат на изборите, ќе обезбедат за 20 отсто повисоки плати во здравството за сите, линеарно во еден четиригодишен мандат.

– Во првите 100 дена ќе интервенираме во законот, каде што ќе се овозможи на медицинскиот персонал, лекарите, техничкиот персонал заедно со лекарите да можат покрај услугите кои што ќе ги даваат во државното здравство, да даваат услуги и во приватното здравство. И обратен процес, да може лекарите кои што даваат услуги во приватното здравство да можат да даваат услуги во државното здравство – рече Мицкоски, ветувајќи повеќе бесплатни лекови за ранливите групи, укинување на рецептите и воведување на електронски рецепти и упати.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...