Ги повикуваме сите политички партии во државата вклучително и СДСМ да се приклучат на иницијативата и да ја поддржат и на 12 февруари како што беше планирано да се распушти Собранието, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека некој сака да го одложи распуштањето на Собранието за да може да протурка уште неколку тендери и плаќања додека е функционална техничката Влада.
– Ним не им е битна содржината и квалитетот на предлог законот за јавно обвинителство, туку сакаат да го одложат распуштањето на Собранието, бидејќи со неговото распуштење завршуваат ингеренциите на техничката Влада. До моментот на распуштањето целта им е да се заврши уште некој тендер и да се исплати уште некоја фактура. Стоиме на ставот дека единствено повикани во оваа држава кои треба да го подготват законското решение се експертите – рече Мицкоски.
Според него, квалитетен закон за јавно обвинителство можат да направат само луѓето кои, како што рече, го посветиле животот на тоа, а тоа, додаде тој, се експертите кои ги предложило ВМРО-ДПМНЕ.
– Ниту јас, ниту, пак, Заев можеме да знаеме повеќе од нив. Експертите треба да состават закон кој ќе биде четиво кое ќе ги заштитува интересите на сите граѓани, а не само определена група или фамилија во оваа држава без разлика како се презива. Ги охрабрувам јавно експертите да не остават нас политичарите. Ова е моментот да се издигнеме сите над сопствениот, семејниот и партискиот интерес и да го ставиме интересот на државата пред и над се и да направиме законско решение кое ќе биде експертско, односно на оние кои се најстручни и најповикани да го изработат, а јас како претседател ветувам дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи и нема да поднесе ниту еден амандман на тоа што ќе го изработат експертите – посочи Мицкоски.
Тој нагласи дека партијата нема да го поддржи предлогот кој е во собраниска процедура, бидејќи е се само не е таков каков што треба да биде.
– Во минатото многу пати поднесувавме амандмани, работевме на работни групи се усогласувавме, па се деусогласувавме. Имаше многу политика, многу интриги и политиканство. Нема да го поддржиме овој текст на законот, бидејќи е се само не е таков како што треба да биде. Ваков како што е не заслужува пооддршка, бидејќи не обезбедува правичност на сите граѓани и доколку биде донесен ќе биде обжален – рече Мицкоски.
Тој апелира до пратениците самостојно и без притисоци да одлучуваат што е она што мислат дека треба да го поддржат, а што треба да се доработи.
Мицкоски посочи дека не држат тезите дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да го поддржи такстот на законот бидејќи сака да ги стопира предметите на СЈО што ги презеде ОЈО, бидејќи како што рече, тие се веќе во процедура и се судат.