Лично ако ме прашувате како граѓанин на Република Македонија сум очекувал и многу порано, но за жал тоа не се случило порано. Да, очекувам и работиме и ние како ВМРО-ДПМНЕ во таа насока, Македонија, граѓаните на Македонија да добијат датум за отпочнување на преговорите со ЕУ иако моите информации се половични, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за МИА.
– И тоа доколку би го добиле нема да биде како што е тоа вообичаено, како што тоа го добивале претходните земји-кандидати за членство во ЕУ, туку тоа ќе биде некоја кованица, некој помеѓукомпромис, отворање на поглавјата коишто се за правосудството, па додека тие не се затворат да нема некој официјален почеток итн. Повторно излегува на површина, барем од оние информации коишто јас ги добивам, неспособноста и начинот на којшто се раководи државата од страна на Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев. Ја слушнав изјавата на господинот Туск, се придружувам кон апелот до нашите сестрински партии до Европската народна партија и останатите партии и премиери коишто се застапени во рамките на Европскиот совет да ја доделат таа покана за отпочнување на преговори бидејќи граѓаните и државата не треба да бидат казнувани поради оваа криминална и неспособна влада која што ја води Република Македонија.