Тешко наоѓам зборови во моментов затоа што сум ставен во позиција да се правдам и покрај неправдата што ми се нанесува, и лагата која е толку дрско изречена на моја штета дека сам сум одлучил да си заминам од Телма или дека ми било само посочено повеќе да се ангажирам. Ова на Фејсбук го напиша Ивор Мицковски по информацијата дека добил отказ од телевизија Телма и изјавата на директорот на телевизијата Атанас Кировски за некои медиуми дека Мицковски сам си заминал.
– За жал ставен сум во таква неблагодарна позиција. Кај сум оштетен, уште пробуваат будала да ме направат. Изјавата на директорот што се појави денес во некои медиуми, (каде притоа не е побаран мојот став), директор кој немаше лице лично да ми ја пренесе својата одлука, туку себично го стави својот главен уредник во улога на пренесувач на пораката, не само што е лага и тотална невистина, тука дотаму е дрска што е накитена со измислени критики и епитети кои би требало мене да ме прикажат како неработник и неблагодарник. Јас не сум ни едно од тие две, а најмалку од сѐ сум лажов. Но, за себе нема да зборувам, постојат колеги кои несреќно беа вмешани во подлоста на директорот, како и колеги кои со мене работеле, и останува на нив да просведочат за мојот труд и посветеност, напиша Мицковски.
Тој додава дека жали за ситуацијата и атмосферата со која мора да се носат.
– Но, ќе мораат и они, кој да молчи, кој да проговори, кој да се срами, а кој да истапи. Затоа што јас лично сум деградиран и понижен, но тука е скршено нешто многу поголемо од трудот, егзистенцијата и слободната мисла на еден поединец и новинар.
Основниот проблем останува, дека мене во ходник, три часа пред крај на работно време, ми беше пренесено, дека директорот одлучил дека работниот однос завршува. Тоа е факт. Директорот не почувствувал потреба тоа лично да ми го соопшти, да ми го образложи, човечки да ми ги објасни своите мотиви. Пораката од главниот уредник ја примив смирено, без емотивни изливи, си го довршив работниот ден, и цели два дена не напишав ништо, затоа што вакви искуства ниту првпат ми се случуваат, ниту пак барам сензационализам или сакам да глумам жртва. Нападот врз мене, јас лично, го разбирам како напад кон пошироката јавност и колективитет. Обидот на еден лажов, да се оправда како во целата одлука немало никаква политичка мотивација или позадина, ќе го оставам на здравиот разум и проценка на јавноста.
Јас ќе го додадам само следново.
Јас сум гласен, и јас сум мрчатор, како што не нарекуваат, една шака луѓе во оваа средина кои без закрилата на анонимноста, се обидуваме да артикулираме поширока политичка и општествена критика. Да, некогаш сме хистерични, пардон, некогаш сум хистеричен, и навредувам, и што би рекле некои, многу зборам, но тоа го правам како слободен човек, кој може и да згреши, но повеќе ќе згреши кон себе и сите останати ако молчи. Тенка е кожата на секоја власт, особено е тенка политичката и партиската толеранција на критиката кога е насочена кон сите. Сите сакаат да си качен на караванот, да си дел од некоја екипа, дел од тивката или гласна поддршка. Другари, тој филм нема да го гледате, не од сите. Повеќето ќе ви клекнат, но нема сите. Еден ден може ќе ги совладате и буквално сите, но тогаш само сами ќе си го продолжите коленичарењето меѓу вас самите кое и онака го правите.
За крај само да додадам. Верувам дека директор кој за новинарот од својот медиум имал високо мислење и со кого наводно постапувал како со свое дете, не испраќа, не мести други колеги кои му се надредени во медиумот, да му ја соопштаат децидната и неагументирана одлука.
Ама кај нас, приказната од мое дете, до дај друго дете, од одамна е ставена во пракса, и новинарите ги третирате како партиски ботови. Срамота е се ова, овој тажен спектакл, возрасни сме, барем некои од нас, напиша Мицковски.