Претседателските избори не се само обичен избор туку избор од кој зависи судбината на државата, бидејќи работите во реалноста не се добри и не се такви какви што ветуваа од власта, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Оризари, битолско.
Според него победа на Претседателските избори ќе значи сигурни предвремени парламентарни избори на кој оваа власт ќе биде детронизирана.
– Денеска не постои бизнисмен кој што е задоволен од тоа што го работи. Затоа што најпрвин им ги качија даноците кои што ќе ги собираат за да договараат тендери во четири очи. Тарифата се знае од 5 до 15 отсто и местото на исплата се знае, еден ресторан во југоисточна Македонија. Ветуваа правда и правдина за секого. Викаа дека немало правда и немало мир, а донесоа преку два века казни, а од друга страна оние што е бореа за ИСИС добиваат по шест години – рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека власта ветуваше подобро здравство и повисоки плати, а се случува егзодус на кадри.