Денес на очиглед на целата македонска јавност власта ја спаси осомничената Катица Јанева од разрешување. На денешниот предлог од страна на ВМРО-ДПМНЕ, да се стави на дневен ред како прва точка, разрешувањето на осомничената специјалната обвинителка Катица Јанева, парламентарното мнозинство предводено од СДСМ го одби овој наш предлог, со што се стави на страната на заштита на Јанева, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
– Ова покажува дека нашите сомневања за координација и синхронизација помеѓу Катица Јанева, Владата на Зоран Заев, обвинителката Вилма Рускоска и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески се дел од планот за спас на Катица Јанева и високи функционери од државниот врв. Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ денеска наместо на страната на правдата застана во одбрана на криминалот и рекетот. Дали заштитата на Катица Јанева од страна на СДСМ и Зоран Заев е индиректно заштита на високи функционери на власта кои што учествувале во оваа најголема досега криминална афера со оглед на тоа дека Катица Јанева има информации кои што ќе ја докаже вмешаноста на државниот врв во аферата „Рекет“ – рече Мицевски и побара претседателот на Собранието Талат Џафери, денес да закаже итна седница на која што единствена точка на дневен ред ќе биде разрешувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева со оглед на тоа дека оваа точка веќе помина со едногласна одлука за разрешување на Комисијата за прашања за изборите и именувањата.
– Апелираме до господинот Џафери, СДСМ и пратениците од парламентарното мнозинство да престанат со тактизирање и глумење на борци за правда и правна држава и уште денес осомничената Катица Јанева да биде разрешена од нејзината функција за да може да се остави простор до 15 септември да се избере нов специјален обвинител – истакна Мицевски.